
Ламине Јамал доживеа многу непријатна повреда на задната ложа на натпреварот против Селта. Откако го изведе ударот од белата точка, крилниот напаѓач се пожали на болка во мускулот и побара веднаш да биде заменет. Сезоната за него е завршена, а Шпанците се плашат дека нема да биде во полна форма за Светското првенство.
Челниците на Барселона сепак решија да дејствуваат, осносно не сакаат да го принудат да и се приклучи на репрезентацијата порано од предвиденото.
Според шпанските медиуми, во клубот се одржа еден вид „медицински самит“ за да се разговара за неговата моментална состојба, можното закрепнување и плановите за наредниот период, со посебен фокус на неговиот настап со шпанската репрезентација на Светското првенство.
Барселона е свесна колку е важен Ламине Јамал и за клубот и за репрезентацијата, но во овој момент не сака младиот фудбалер да биде дополнително притиснат. Клубот верува дека премногу напрегање може да има последици по неговото здравје и понатамошен развој, поради што сака внимателно да го контролира секој чекор во процесот на неговото враќање на теренот.
Затоа Барса не е воодушевена од можноста Јамал да игра со полн интензитет за репрезентацијата на Светското првенство. Иако конечната одлука нема да биде само на клубот, Каталонците јасно велат дека здравјето на играчот мора да биде приоритет и дека неговата состојба не може да се земе здраво за готово.
Според достапните информации, медицинскиот тим на клубот веќе подготвил детален план за закрепнување кој вклучува контролиран тренинг, медицински прегледи и постепено враќање во натпреварувачки ритам. Целта е да се избегне каква било нова повреда или влошување на моменталната состојба.
Барселона е едногласна во својот став дека здравјето на Ламине Јамал е пред сè. Иако сите сакаат да го видат на најголемата сцена, клубот нема да дозволи краткорочните цели да ја загрозат неговата долгорочна кариера.
Постои посебна загриженост околу можноста шпанскиот селектор да смета на Јамал за сите минути за време на Светското првенство. Клубот верува дека дополнителниот напор, по исклучително напорната клупска сезона и повредата, би можел да има последици по неговото тело.
Затоа, Барселона ќе се обиде да постигне договор со Шпанската фудбалска федерација и тренерскиот штаб на националниот тим со цел внимателно да управува со неговите минути за време на Светското првенство.
Ламине Јамал веќе одигра 25 натпревари за шпанската репрезентација и постигна шест гола.











