За оние што до вчера секој ден палеле автомобил за да одат до работа, а денес гледаат колку им оди за гориво, двете тркала сè повеќе им изгледаат како сосема реална опција. Според статистичките податоци, во Македонија се регистрирани меѓу 16.000 и 18.000 мотоцикли и скутери, а Скопје учествува со околу 38 проценти од вкупниот број. Дополнителен поттик за купување мотоцикли во категоријата до 125 кубици донесоа и законските измени. Со нив се овозможи одредени возачи со Б-категорија да управуваат мотоцикли од А1-категорија со автоматски менувач, до 125 кубни сантиметри и до 11 киловати

Скапото гориво, градскиот метеж и вечната мака со паркингот сè повеќе ги тераат граѓаните да бараат поевтина и побрза варијанта за секојдневно движење. А, изборот за многумина е сè почесто ист: моторче или скутер. Во неколку продавници за мотоцикли каде што прашавме, за весникот ВЕЧЕР изјавија дека особено се бараат скутерите и моторите до 50 и 125 кубици. Велат дека за дел од граѓаните што доаѓаат кај нив да купат превозно средство на две тркала, тоа веќе не е превоз само за убаво време, ниту, пак, средство за забава, туку практично решение за одење на работа, завршување на обврските и избегнување на градските колони.

Продавачите на мотоцикли велат дека сè почесто им доаѓаат купувачи со една иста приказна: автомобилот им станал прескап за секојдневно возење. А, тоа го потврдува и простата математика. Имено, ако во град троши седум, осум или десет литри гориво на 100 километри, автомобилот може сериозно да „удри“ по семејниот буџет. Скутерот, пак, троши неколку литри, а кај одредени модели потрошувачката е уште помала. Кога ќе се собере сето тоа на крајот од месецот, разликата уште како се чувствува.

Покрај горивото, како што ни објасни еден возач на скутер, моторчето му носи и други заштеди. Вели дека одржувањето скутер е поевтино, сервисите се полесни за џебот, регистрацијата чини помалку и дека многу полесно излегува на крај со паркингот во Скопје со својот пријател на две тркала.

– Оној што секојдневно се вози низ Скопје, знае каква е приказната. Колони, семафори, нервоза и кружeње по неколку улици за да се најде едно слободно паркинг-место. Центар, Карпош и Аеродром, особено во шпицот, знаат да бидат вистински тест за нервите. Е, тука скутерот има уште една голема предност: полесно се движи низ метежот и полесно се паркира затоа што не е габаритен – вели возач на скутер.

Според статистичките податоци, во Македонија се регистрирани меѓу 16.000 и 18.000 мотоцикли и скутери, а Скопје учествува со околу 38 проценти од вкупниот број. Надвор од главниот град, има значителен број мотори во Југоисточниот Регион, особено во Струмица, Гевгелија и во Радовиш. Потоа следуваат подрачјата во Повардарјето, како Велес, Кавадарци и Неготино, како и Пелагонија, со Битола и Прилеп. Во Тетово и во Гостивар, пак, расте интересот за мотори во услови на сè поголем сообраќаен метеж. Во Скопје, покрај класичните скутери, се забележува и интерес за електрични скутери и за модели до 125 кубици, додека во други делови од државата сè уште доминираат помалите мопеди.

Скопските улици во последните години се полни и со доставувачи. Брзата достава на храна и на пратки донесе голем број нови возачи на скутери, кои секојдневно се во движење низ градот. Токму на нивното невнимателно возење по улиците укажуваат скопските возачи. Велат дека повеќе мотори на улица значат и повеќе внимание. А, моторџиите се меѓу најранливите учесници во сообраќајот, заедно со велосипедистите и оние што возат електрични тротинети. Околу нив нема лим и една грешка може да биде доволна за сериозна незгода.

Возачите на автомобили реагираат затоа што понекогаш не ги забележуваат моторџиите во мртвиот агол на ретровизорот, додека дел од моторџиите знаат да маневрираат меѓу автомобилите за да застанат први во ред пред затворен семафор. А, законските правила за движење на мопедите по коловоз се јасни: тие „треба да се движат што поблиску до десниот раб, освен кога сообраќајната ситуација или маневарот бараат поинаку“. Или со други зборови, со скутер не се вози без потреба по левата лента на булевар.

Посебна приказна се кацигите. И покрај тоа што се задолжителни, полицијата редовно санкционира возачи и совозачи што не ја користат заштитната опрема. Возењето без кацига се санкционира со 50 евра за возачот и 50 евра за совозачот.

Возењето „како ќе им текне“ на дел од возачите на мотоцикли се снима од системот „Безбеден град“, познат како „Сејф сити“. Во законското решение е наведено дека и малите мопеди до 50 кубици, со помали таблички, не се „невидливи“ за камерите, кои, во зависност од поставеноста, може да детектираат и идентификуваат возила од различни страни. Кај мотоциклите, идентификацијата се врши преку задната регистарска табличка, бидејќи мотоциклите имаат табличка само одзади.

Дополнителен поттик за купување мотоцикли во категоријата до 125 кубици донесоа и законските измени. Со нив се овозможи одредени возачи со Б-категорија да управуваат мотоцикли од А1-категорија со автоматски менувач, до 125 кубни сантиметри и до 11 киловати. Но, не значи дека секој што има Б-категорија веднаш може да се качи на 125-ка. Условите се јасни: возачот треба да има најмалку 23 години, да поседува Б-категорија најмалку пет години и да помине дополнителна теоретска обука од четири часа во автошкола. Мотоциклот треба да биде со автоматски менувач и да ги исполнува законските ограничувања.

Во центарот на Скопје настрада доставувач на „Волт“, кој се движел со мотор

Денеска, околу пладне, се случи сообраќајна несреќа во која настрада возач на скутер. Несреќата се случи на булеварот „Св. Кирил и Методиј“, во близина на зградата на поранешна „Нова Македонија“, во центарот на Скопје, при што автомобил удрил во доставувач на „Волт“.

На местото на несреќата, фоторепортерот на весникот ВЕЧЕР го фотографираше искршениот скутер, додека повредениот возач беше однесен во болница.

Скопските улици во последните години се полни и со доставувачи. Брзата достава на храна и на пратки донесе голем број нови возачи на скутери, кои секојдневно се во движење низ градот и оттука, повеќе мотори на улица значат и повеќе внимание.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во 2025 имало вкупно 3.672 настрадани возачи на моторни и немоторни возила, но нема поконкретен податок колку од нив биле возачи на мотори. За првите осум месеци од оваа година МВР објави дека во земјава се случиле 4.840 сообраќајни незгоди, но нема официјална бројка колку од тие незгоди конкретно биле со мопед/скутер или мотоцикл.

Генерална слика за македонскиот возен парк

Според податоците со кои располага Министерството за внатрешни работи, во Македонија во 2024 година биле регистрирани 699.857 возила, при што просечната година на производство на возниот парк била 2006 година, односно околу 18 години просечна старост.

– Во 2025 година, бројот на регистрирани возила се зголемил на 742.836, со просечна година на производство 2007, додека до моментов во 2026 година, се регистрирани 383.318 возила, со просечна година на производство 2008 година. Овие показатели упатуваат на постепено подмладување на возниот парк, но истовремено и понатаму потврдуваат дека просечната старост на возилата во државата останува значаен предизвик, како од аспект на безбедноста во сообраќајот така и од аспект на заштитата на животната средина и енергетската ефикасност – вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за најновиот број на научното стручно списание „Патишта“, кое ќе излезе од печат кон крајот на следната недела.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ