петок, септември 25, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА БРАНУВАЊЕ ВО РЕДОВИТЕ НА НАЈГОЛЕМАТА ОПОЗИЦИСКА ПАРТИЈА: Може ли Горан Герасимовски да...

БРАНУВАЊЕ ВО РЕДОВИТЕ НА НАЈГОЛЕМАТА ОПОЗИЦИСКА ПАРТИЈА: Може ли Горан Герасимовски да ја смири конфронтацијата меѓу СДСМ и Платформа 12.05?

Додека партијата со соопштение остро ја нападна групата поранешни сопартијци што бараат смена на актуелниот лидер, Венко Филипче, новоизбраниот потпретседател повика на сплотеност, бидејќи „секој е потребен“. Од Платформа 12.05 за весникот ВЕЧЕР изјавија дека самиот Герасимовски брзо ќе сфати дека една ластовичка не прави пролет

1

Натамошна уште пожестока конфронтација или, пак, обиди за нејзино смирување? Ова е дилемата што ќе се разрешува во наредниве денови, во редовите на најголемата опозициска партија, СДСМ, откако почна да се случува нов бран тензии и барања за смена на актуелниот лидер, Венко Филипче. Откако групата поранешни партиски функционери обединети во Платформа 12.05 вчера најави своевидна офанзива чија цел е да се принуди Филипче да даде оставка, од редовите на социјалдемократите доаѓаат различни пораки. Односно, како пораки со кои се остро осудува дејствувањето на групата на поранешните сопартијци предводени од Игор Ивановски, Андреј Петров и другите така и пораки со кои се бара сплотување во партиските редови. Прв тест за тоа какви ветришта ќе дуваат, се чини, ќе биде најавената средба на оваа групација со лидерот Филипче, на која најавија дека ќе му го претстават планот за консолидација на партијата, но и за обединување на опозицискиот фронт.

Во денешното партиско соопштение на СДСМ, на поранешните сопартијци им порачаа дека нема да помина нивните барања.

– Токму кога СДСМ го разоткри планот на Мицкоски за распродажба на Македонија, отворање рудници и за експлоатација на антимон без согласност од граѓаните. Токму кога објавивме дека приватна компанија за оружје платила над 1,5 милиони долари за лобирање за Мицкоски. Дефокус од платформата ЗНАМ 2.0. Напад врз СДСМ и врз претседателот Венко Филипче. Прашањето е едноставно: кому му одговараат дефокус и пренасочување на вниманието на граѓаните од криминалот на Мицкоски? Само на арамијата Мицкоски. Затоа сакаат да го срушат СДСМ, но нема да има ништо од тоа. ЗНАМ 2.0 нема да помине! – нагласија од партијата.

По ова, се јави и дилемата дали може да се оствари најавената средба во ваква ситуација. Од редовите на Платформа 12:05 за весникот ВЕЧЕР изјавија дека „делуваат според добро осмислен план, кој не може да го изместат паничните реакции на ова дезориентирано раководство на СДСМ“. Инаку, пред седницата на партискиот ЦО, Филипче порача дека сака да верува, но дека, сепак, се сомнева во добрите намери на групата предводена од Игор Ивановски.

Наспроти ова, сега е прашање какви промени може да се случат по новите кадровски промени, кои се случија во СДСМ во четвртокот. Како што беше соопштено, за нов партиски потпретседател е избран Горан Герасимовски, актуелен градоначалник на скопската општина Центар. Ова негово експресно унапредување во партиската хиерархија Филипче го најави уште во јули.

Веднаш по изборот, во објава на социјалните мрежи, Горан Герасимовски порача дека пред партијата е период на сплотување.

– Пред нас нема лесен период. Но, СДСМ секогаш е најсилен кога е најтешко. Сме знаеле да паднеме, но сме знаеле и повторно да станеме. И ќе станеме повторно. Од денес нема место за поделби. Нема место за суети. Нема место за едни против други, другари социјалдемократи. Секој е важен. Секој е потребен. И секој има свој минат труд што не е за потценување и маргинализирање. Да се сплотиме, да се исправиме и да покажеме дека СДСМ има сила повторно да оди напред – порача Герасимовски.

Од редовите на Платформа 12:05, врзано за ваквите ставови на Герасимовски, за весникот ВЕЧЕР одговорија дека новиот потпретседател брзо ќе се увери каква е состојбата.

– Не сметаме дека треба посебен коментар за именувањето на Горан Герасимовски, освен дека самиот брзо ќе сфати дека една ластовичка не прави пролет – изјавија од Платформа 12:05. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ