Американскиот хеликоптер „Апачи“ што се урна во близина на Ормускиот теснец беше погоден од ирански беспилотен авион „Шахид“, објави порталот „Аксиос“, повикувајќи се на неименуван американски функционер.
Американски воен хеликоптер AH-64 Апачи се урна во близина на Ормускиот теснец, а двајца членови на екипажот беа безбедно спасени. Централната команда на САД (CENTCOM) објави дека војниците биле спасени во рок од околу два часа по несреќата и дека се во стабилна состојба.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека иранската војска го нападнала и го соборила хеликоптерот и најави дека американската војска ќе одговори на нападот.
„Тукушто бев информиран од нашата голема војска дека Иранците соборија еден од нашите високософистицирани хеликоптери Апачи што патролираа во Ормускиот теснец синоќа. Двајца пилоти беа вклучени во инцидентот, и двајцата се безбедни и неповредени. Соединетите Држави мора да одговорат на овој напад“, напиша тој на својата социјална мрежа Truth Social.
Одговарајќи на пораката на Трамп, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, рече дека Ормутскиот теснец не е дел од меѓународните води, а јурисдикцијата над него е поделена меѓу Иран и Оман и се наоѓа илјадници милји од брегот на Соединетите Американски Држави, додавајќи дека странските воени сили во близина на иранските територии претставуваат постојан ризик.
Аракчи додаде дека Иран го претпочита „јазикот на дипломатијата“, но дека војската на земјата покажала дека може „да зборува и други јазици“.












