Скопјани што се приклучени на системот за централно греење со кои стопанисуваат компаниите на АД ЕСМ, од 1 декември ќе плаќаат поскапо парно греење. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска донесе одлука за зголемување на цената на топлинската енергија, со што месечните сметки за домаќинствата ќе бидат повисоки во пресрет на зимскиот период.

Според одлуката, за потрошувачите кои се снабдуваат преку ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Производство на топлина и ЕСМ Енергетика, цената на топлинската енергија се зголемува во просек за 7,56 проценти. Кај потрошувачите приклучени на мрежата на поранешна Топлана Скопје Север, односно сегашна „Енерџи еколинк“, поскапувањето ќе изнесува 5,84 проценти.

– Со новите цени, просечната месечна сметка за парно ќе се зголеми за 188 денари и ќе достигне 2.681 денар – покажуваат пресметките на РКЕ.

Како причина за корекцијата на цената се наведува зголемувањето на цената на природниот гас на меѓународните пазари, поттикнато од актуелните геополитички случувања. Одлуката следува откако компаниите кои вршат снабдување со топлинска енергија во Скопје доставиле вонредни барања за промена на регулираниот максимален приход и ревидирање на цените.

Претходната цена на парното беше утврдена во јули, а се применува од 1 август 2026 година. Во Скопје, топлинска енергија користат близу 70.000 потрошувачи, кои од почетокот на декември ќе ги почувствуваат новите повисоки цени на сметките за греење.

 

ИЗДВОЕНИ