среда, септември 16, 2026
Дома СКОПСКА Кисела Вода – единствената македонска општина дел од „Урбан фуд“

Кисела Вода – единствената македонска општина дел од „Урбан фуд“

1

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, престојува во Атина, Грција, каде што се одржува иницијалниот настан со кој официјално почнува спроведувањето на 42-месечниот проект „,Урбан фуд“, односно одржливи лаборатории за урбани прехранбени системи. Општина Кисела Вода е единствената општина од Македонија што учествува во овој значаен меѓународен проект.

Домаќин на настанот е Земјоделскиот факултет од Атина, раководен од проектниот координатор CERTH. „Урбан фуд“ е проект финансиран од Европската Унија, преку програмата „Хорајзон Јуроп“, чија цел е да ги позиционира градовите и урбаните средини како активни двигатели на поздрави, поинклузивни и климатски отпорни прехранбени системи.

– Преку шест одржливи лаборатории за урбани прехранбени системи низ Европа, од кои една е токму Општина Кисела Вода, граѓаните, истражувачите, општините, малите и средните претпријатија и организациите од заедницата ќе „кокреираат“ и тестираат иновативни решенија. Овие решенија ќе ги поврзуваат одржливото производство на храна, граѓанското учество, дигиталните технологии и партиципативното управување – соопштија од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека во рамките на настанот, од македонска страна, заедно со партнерот „Агфутура технологии“, била извршена детална презентација за можностите и на капацитетите на Општина Кисела Вода што ќе бидат ставени во функција на успешна реализација на проектот.

Според општинските власти, очекувањата од учеството на Општина Кисела Вода се спроведување на најдобрите европски практики на локално ниво, позиционирајќи ја општината како лидер во иновативните еколошки решенија.

– Ова ќе значи директни бенефит за граѓаните преку креирање поздрава животна средина, развој на локалната економија и зголемена партиципација на граѓаните во носењето одлуки за одржлив развој – сметаат од Општина Кисела Вода.

Проектниот конзорциум го сочинуваат вкупно 18 партнери од Грција, Данска, Обединетото Кралство, Кипар, Белгија, Полска, Франција и од Македонија. Партнерите носат разновидно експертско знаење, искуство и капацитети, овозможувајќи силна меѓународна соработка и сеопфатен пристап кон реализацијата на проектните цели.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ