Цените на становите продолжуваат да растат, а пазарот на недвижности во првата половина од 2026 година бележи зголемена вредност на трансакциите. За шест месеци биле регистрирани 16.126 трансакции, што е за 2,2 отсто повеќе во однос на тој период лани. Од нив, 11.395 се купопродажби, а 4.731 се закупи. Вкупната вредност на купопродажбите достигнала 625,7 милиони евра, што е раст од 21,3 отсто во однос на првата половина од 2025 година. Во споредба со тој период од 2024 година, растот изнесува 40 отсто.
Најголем удел во купопродажбите имаат становите, со 3.746 трансакции, односно 32,9 отсто од вкупниот број, а веднаш зад нив се земјоделското земјиште и шумите со 3.703 купопродажби. Но, кога се гледа вредноста на трансакциите, становите убедливо доминираат. Во нив се вложени 289,1 милион евра, пред куќите со 101 милион и деловните простори со 98,3 милиони евра.
Особено внимание привлекува растот на вредноста на деловните простори, кој достигнал 80,7 отсто во однос на лани. Кај земјоделското земјиште и шумите, пак, е регистрирано намалување од 4,3 отсто.
Меѓу скопските општини, најголема вредност на купопродажбите има Аеродром со 83,8 милиони евра, што е раст од 75 отсто. Следуваат Центар со 78,3 милиони евра и Карпош со 62,8 милиони евра. Најголем процентуален раст на вредноста на купопродажбите е регистриран во Гостивар – 81 отсто, додека намалување има во Струга, Тетово, Струмица и во Кисела Вода.
Но, најголемо внимание привлекуваат цените на становите. Највисоката постигната цена за квадратен метар во првата половина од годината е регистрирана во Центар и изнесува 206.640 денари, односно околу 3.360 евра за квадрат. Станот е со површина од 50 квадратни метри, а е продаден за 168.000 евра.
И просечните цени во најатрактивните општини се високи. Кај старата градба, најскап е Центар со 1.547 евра за квадратен метар, следуваат Аеродром со 1.532 и Карпош со 1.523 евра. Кај становите од инвеститори, Центар е повторно на врвот со просечни 1.712 евра за квадратен метар, пред Карпош со 1.167 и Ѓорче Петров со 1.062 евра.
За споредба, во Струмица просечната цена е 719 евра за квадратен метар кај старата градба и 689 евра кај становите од инвеститори.
Растот не се чувствува само кај продажбата. Вкупниот износ на месечните закупнини е зголемен за 29,4 отсто. Најмногу трансакции, 2.902, се регистрирани во април, а најмалку во јануари – 2.246.
Податоците покажуваат дека бројот на трансакции расте умерено, но вредноста на пазарот расте многу побрзо. Со рекордни околу 3.360 евра за квадратен метар во Центар и со просечни цени над 1.500 евра во Центар, Аеродром и во Карпош, останува отворено прашањето има ли плафон за цените на становите или пазарот ќе продолжи да ги поместува границите?












