понеделник, февруари 16, 2026
Дома СКОПСКА Кисела Вода домаќин на престижниот FIRST LEGO

Кисела Вода домаќин на престижниот FIRST LEGO

77

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска го отвори интернационалниот настан FIRST LEGO League Challenge, еден од најпрестижните STEM-натпревари во светот, поддржан од УНЕСКО, кој годинава со одржува во ООУ „Кузман Јосифовски-Питу”, во Општина Кисела Вода.

Во своето обраќање, тој го поздрави македонскиот организатор, Академијата за роботика и иновации, и укажа на важноста на ваквите натпреварувања во насока на развивање на знаењето, иновативноста и на интересот за науката и за технологијата кај младите.

– Минатата година, овој уникатен натпревар ги обедини младите од 104 земји, со над 40.000 тима, кои покажаа дека науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ) немаат граници. Тоа го прави овој настан вистински мост на знаење, иновации и соработка меѓу младите генерации ширум светот – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека FIRST LEGO League е повеќе од натпревар, наведувајќи дека е иницијатива што ги инспирира младите да размислуваат критички, да соработуваат и да развиваат решенија за реалните проблеми.

– Овој пристап преку интерактивно и забавно учење, базирано на практика, ги подготвува нашите ученици за предизвиците на модерниот свет и истовремено ги поттикнува нивните љубопитност и иновативност. Особено сум горд што четири тима од училиштата во Кисела Вода се дел од ова натпреварување и што ќе имаат можност да ги покажат своите знаење и умешност – истакна Ѓорѓиевски. 

Оваа година, темата на натпреварот е „Истражување на океаните“ – срцето на нашиот глобален екосистем.

Младите учесници ќе се соочат со предизвикот да создадат решенија што ќе придонесат за поздрави и почисти океани, што е важна мисија на нашата планета.

Најдобрите тимови ќе имаат привилегија да ја претставуваат нашата земја на глобално ниво – тимот што ќе го освои првото место ќе се натпреварува во САД, додека второпласираните ќе ја продолжат својата мисија во Грција.

– Кисела Вода е горда што преку овој настан дава свој придонес кон образованието, иновациите и во развојот на младите. Овие ученици се идните лидери во науката и во технологијата и денес сме сведоци на нивниот почеток на патот кон големи успеси – вели Ѓорѓиевски.

 

ИЗДВОЕНИ