Киното „Партизан“ во Битола до крајот на 2027 година ќе биде пуштено во употреба. Ова го најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при денешната посета на Општината.

– Реконструкцијата на оваа институција е во напредна фаза, динамиката оди многу добро и обезбедени се околу 94 милиони денари за завршување на објектот. Според тоа што можев да го видам, најверојатно, ќе стигнеме малку побрзо од планираното и се надевам дека до крајот на 2027 година овој објект ќе биде завршен и пуштен во употреба – посочи Љутков.

Во придружба на градоначалникот Тони Коњановски, тој вчера изврши увид во градежните активности и во реконструкцијата, но ги посети и Јени џамијата и локалитетот Хераклеја.

– Во текот на посетата, извршив увид и во конзерваторско-реставраторските работи на ентериерот во Јени џамијата. Проектот опфаќа конзервација и реставрација на ѕидното сликарство, дрвените, металните и мермерните декоративни елементи, за што Министерството обезбеди околу 12 милиони денари. Нашата цел е, конечно, да го завршиме овој исклучителен споменик на културата и да го ставиме во функција. За археолошкиот локалитет Хераклеја, Министерството оваа година одвои средства за покривната конструкција за да се заштитат мозаиците. Радува фактот што во последниве неколку години посетеноста на Хераклеја се движи од 22.000 до 25.000 посетители годишно и ние сме со тенденција да расте овој број. Затоа во иднина ќе продолжиме со инвестициите, особено во заштитата и презентацијата на мозаиците – истакна Љутков.

На прес-конференција во Битола, беше истакнато дека во изминатите две години Министерството за култура и туризам одвоило околу 32 милиони денари за активности на Заводот и музеј – Битола, средства со кои е извршена реставрација на предната фаза на музејот и партерното уредување и реновирање на сувенирницата.

Според министерот Љутков, во наредниот период ќе продолжи обновата на постојаната музејска поставка со нов современ естетски и визуелен концепт и по повод 100 години од раѓањето на Кирил Македонски, реализирани се проекти за конзервација и реставрација на фасадите на спомен-куќите на македонските револуционери Гоце Делчев и Стив Наумов.

ИЗДВОЕНИ