понеделник, јуни 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Обезбедени се сите осомничени за три милионското арчење, ќе се замрзнува ли...

Обезбедени се сите осомничени за три милионското арчење, ќе се замрзнува ли имотот во аферата ФФМ?

138

Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информираат дека сите осомничени во предметот поврзан со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се обезбедени и во моментов нема лица кои се недостапни за органите на прогонот. Последно, за двајца осомничени се определени мерки на претпазливост, додека за едно лице е изречена мерка куќен притвор.

Минатата недела Кривичниот суд одлучи на тројца од осомничените да им определи мерка притвор од 30 дена, а на петмина им определи куќен притвор. Во истражен затвор се поранешниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиевски и уште две лица со иницијали О.М. и Ѓ.Ч. И поранешниот претседател Муамед Сејдини е дел од оваа истрага, тој беше уапсен во април и се наоѓа во притвор за проневера во службата со парични средства поврзани со изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.

Во акцијата на Обвинителството за организиран криминал и корупција опфатени се 18 лица кои се сомничат за проневера на повеќе од 180 милиони денари во ФФМ. Според Обвинителството, на осомничените им се ставаат на товар кривичните дела „Проневера во службата“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Според обезбедените докази, првоосомничениот, во периодот од 1 јануари 2015 до 25 јули 2018 година, во својство на претседател на ФФМ, заедно со раководителката на финансии и сметководство, присвоил 127.451.156 денари доверени во службата. Второосомничениот, кој ја извршувал истата функција од 25 јули 2018 до 10 октомври 2019 година, според истрагата, заедно со истата осомничена, присвоил уште 53.351.209 денари. Обвинителството наведува дека преку одобрување и потпишување на вкупно 728 налози за исплата, без целосна финансиска документација и без претходна проверка на нивната основаност, двајцата поранешни претседатели овозможиле незаконски исплати, со што на ФФМ ѝ била причинета штета од вкупно 180.802.365 денари или околу 3 милиони евра.

На прашањето на весникот ВЕЧЕР дали во оваа фаза од постапката ќе се побара замрзнување на имотот и сметките од Обвинителството велат дека се постапувало согласно надлежностите.

Според истрагата, шефицата на сметководство вршела манипулации со сметководствената евиденција со цел да ги прикрие исплатите кон повеќе компании. Плаќањата прво биле евидентирани како намалување на обврски по фактури, а потоа биле менувани налозите за книжење, при што обврските биле бришени и прикажувани како трошоци без конкретна фактура, услуга или деловен партнер. Истовремено, осомничените управители, сопственици и овластени лица во правните субјекти, според Обвинителството, издавале фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачана стока кон ФФМ, врз основа на кои биле вршени исплати. „Средствата прибавени со кривичното дело биле примани, раситнувани, пуштани во оптек и користени во финансискиот промет со цел прикривање на нивното незаконско потекло“, соопшти ОЈО ГОКК. (П. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ