Општествената позиција на жените низ вековите не била идеална, бидејќи многу од мажите не им ги почитувале основните човекови права и ги подложувале на разни деградации, шиканирање и насилства. Поседувајќи ги уздите на владеењето, мажите го наметнале сфаќањето дека „бог пропишал тие да ги доминираат жените“ и дека „не е создаден мажот за жената, туку жената за мажот“.
Да не одиме предалеку, доволно е да ги предочиме претходните столетија во кои биле лишени жените од финансиска независност и образование и им била наложена улогата да раѓаат што повеќе деца и да се грижат за нивното воспитување и подигнување во зрели личности. Тоа укажува дека воопшто не била добра позицијата на жените, кои морале да трпат разни притисоци, малтретирање и омаловажување. Имало ситуации кога биле третирани од мажите како предмет и продавани како робинки на јавни лицитации.
Постоеле жени што се истакнувале со своето знаење, со прогресивниот карактер и со животната визија. Една од нив била Хипатија (околу 370-415 н.е.), која мажите ја искасапиле, само затоа што се занимавала со филозофија и со математика. Во тоа време, на жените не им било дозволено да се експонираат како мислители и учени луѓе. Во минатото, а делумно и денес, мажите тотално управувале со нештата, така што им било исклучително тешко на жените да се еманципираат и да се воздигнат на статусен план. Во мрачниот среден век, илјадници жени биле неоправдано обвинувани од одредени свештени лица дека се вештерки, бидејќи „сексуално општеле со ѓаволот“. Под водство на Католичката црква, бил формиран специјален суд на инквизицијата, кој, покрај другото, имал цел да пронаоѓа вештерки и да ги подложува на страшно измачување, сè додека не ги признаеле своите „грешни дела“. Всушност, гревовите на дел од тие жени биле во нивните посебност, мудрост, интуитивност и способност да ги трансформираат животите на луѓето. Тоа не им се допаднало на кардиналите, бискупите и на папата, кои сакале да ја задржат превласта врз сеопштото и со своите назадни сфаќања да влијаат врз свеста на луѓето.
Денес, жените делумно се изборија за своите права, но со самото тоа, отидоа и во другата крајност, така што многу од нив станаа или се стремат да станат поголеми мажи од мажите. За оваа тенденција пишува и Ошо, кој смета дека „ширум светот се собираат групи од жени со цел да ја подигнат својата свест, која се состои само од една работа: да го уништат она што ја претставува нивната длабока женскост“. На жените што тежнеат да бидат како мажите, Ошо им препорачува: „Ако физиолошки сте жена, а имате ум од маж, многу енергија во животот ќе ви оди на непотребни конфликти. Многу е подобро да се биде во хармонија. Ако сте маж во телото, тоа бидете и во умот; ако сте жена во телото, тогаш бидете жена и во умот“.
За жал, како што тргнале работите, дел од мажите сè повеќе се феминизираат, а одреден број жени сè повеќе преземаат карактеристики и се однесуваат како мажи – со текот на времето, тоа ќе предизвика да исчезнат сите разлики.
Еволуциски гледано, кога се изложени на долготрајна репресија врз духот и телото и откако ќе осознаат дека ја губат контролата над нештата, поединецот и групата почнуваат да се реорганизираат и да бараат начини да опстанат. Свесни дека без еволуција на свеста многу тешко може да се променат околностите, повеќето жени почнаа поинтензивно да работат на подигање на своите вредности – се себереализираа и постигнаа независност и рамноправност во односот со мажите. Благодарение на контрацептивните средства и методите за контрола на раѓањето, тие се ослободија од постојаната бременост (која во минатите векови беше горка судбина на најголемиот број жени). Тоа им овозможи да имаат многу повеќе време за себе и за вложување во кариерата и во интелектуалниот развој на својата личност.
Од друга страна, некои жени („со вишок машки гени“), мотивирани од желбата да се претстават себеси како поуспешни, поубави и попаметни, почнаа да се натпреваруваат со мажите, но и да се наметнуваат врз другите жени. Водени од волјата за моќ, најчесто произлезена од раководната функција на работното место, тие почнаа да вршат мобинг врз подредените, а најмногу врз жените за кои потајно (потсвесно) сметаат дека се поатрактивни и попривлечни од нив. Многу од овој тип жени манифестираат ароганција и грубост кон колешките, кои им бодат очи поради разни причини, а неретко одмазднички се ориентирани и кон мажите. Својот критицизам и својата фрустрација тие ги искажуваат и во љубовните односи, така што не пропуштаат шанса да го обвинат партнерот дека недоволно им се посветува или дека создава тензија, незадоволство, немир и дисхармонија.
Иако ги нема во голем број, сепак, постојат и авторитарни типови жени, кои водејќи се од девизата „победникот зема сè, а за губитникот не останува ништо“, иницираат голема нетрпеливост и конфликтна ориентираност кон секој што ќе им застане на патот. Борбата за целосна рамноправност предизвика да има и судир на половите, така што кај таквиот тип жени се пројави потребата да доминираат и да го имаат главниот збор во комуникацијата и во односот со другите.
За разлика од жените што почнаа да вложуваат во својот личен развој и да ги прифаќаат прогресивните вредности на животот, многу од мажите продолжија да го негуваат конзервативниот однос кон бракот и семејството. Несвесни дека современите жени ниту сакаат ниту може да развиваат животна филозофија каква што развивале нивните мајки и баби, голем број мажи почнаа да се „изместуваат“ и да се чувствуваат загрозени од напредокот на жените.
Мажот треба да сфати дека современата жена не сака да ја следи матрицата на жените што живееле во претходните векови.
Причината за сè поголемиот број разводи, можеби, произлегува и од потребата на мажите нивната партнерка да се однесува кон нив како што се однесувала нивната мајка, која го подредила целиот свој живот на нивниот напредок, односно напредокот на сопругот. Тој ги гледа(л) мајката и бабата и очекува неговата партнерка да биде иста како нив!
Барајќи го профилот на жена „домаќинка“, некои мажи остваруваат врска со жена амазонка, која сака да наредува, која смета дека недоволно ѝ се посветува внимание и која постојано очекува партнерот да ги исполнува нејзините желби и потреби. Таквиот однос е во спротивност со типичните очекувања на мажите „да го имаат главниот збор во врската и да управуваат со нештата“.
Во однос на изборот на сопруга, голем број од „современите“ мажи сè уште негуваат конзервативни гледишта и бараат жена што ќе им биде максимално посветена и подредена на домот и на семејството.
Навикнати на околностите што ги восприемале во односот помеѓу родителите, каде што се наметнувал таткото со својот авторитет и бил глава на семејството, современите мажи почнаа да среќаваат жени што сè помалку наликуваат и се однесуваат како нивните мајки и баби, кои за нив се синоним на вистинска жена. Тоа им создаде голема фрустрација и неподготвеност за приспособување и прифаќање на еманципацијата на жените.
Со напуштањето на сфаќањето дека „треба да биде целосно подредена и зависна од мажот“, жената почна многу повеќе да се потпира на сопствените вредности и да го развива индивидуализмот.
Со текот на времето, жените сè потешко ќе се приспособуваат на бавната еволуција на свеста кај мажите, кои, пак, ќе имаат големи проблеми да ги следат прогресивните тенденции на современите жени. Како и да е, доаѓа ерата на жените – тие сериозно вложуваат во когнитивната интелигенција, која во комбинација со природната надмоќ на емоционалната интелигенција ќе им овозможи сè поголем пробив и експонирање во сите пори на општественото живеење.
(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












