Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека употребила севернокорејски балистички ракети за време на нов масовен напад врз Украина; најтешко беше погодено Запорожје, при што локалните власти известија за седум загинати и 24 повредени лица.
Сите седум жртви биле вработени во челичарницата „Запорожстал“; компанијата соопшти дека нападот ги погодил додека се упатувале кон засолниште по огласувањето на сирената за воздушна опасност.
Погодени болници и енергетска инфраструктура
Зеленски истакна дека руските сили употребиле и ракети „Циркон“ и наведувани авионски бомби, тврдејќи дека целта на нападот била да се нанесе максимална штета на цивилната инфраструктура. Во Киев беа погодени болница за заразни болести и детска болница, но немаше жртви меѓу децата или медицинскиот персонал, бидејќи во тоа време се наоѓале во засолниште.
Сепак, руското Министерство за одбрана соопшти дека извршило координиран напад со употреба на високопрецизно оружје врз воено-индустриски капацитети и транспортно-логистички центри во Киев и Запорожје.
Киев предупредува на соработка меѓу Москва и Пјонгјанг
Зеленски претходно изјави дека Русија добила дополнителни балистички ракети од Северна Кореја и тврдеше дека на руска територија би можеле да бидат распоредени меѓу 30.000 и 50.000 северnokorejski војници, иако Киев не објави докази или временска рамка за таков потег.
Москва и Пјонгјанг потпишаа договор за заемна одбрана во 2024 година, а Северна Кореја веќе испрати повеќе од 10.000 војници како поддршка на руските сили; во меѓувреме, поради сè почестите напади со балистички ракети, Украина повторно бара од своите сојузници дополнителни системи за противвоздушна одбрана – конкретно американски системи „Патриот“ – пренесува France24.












