Украинскиот главен град Киев повторно беше нападнат рано утринава, само неколку часа откако претседателот Володимир Зеленски предупреди на нова голема руска офанзива. Најмалку две лица загинаа во Киев како последица на напад на руските сили врз градот, соопштија утринава градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, и Воената управа на градот Киев.
Русија изврши масовен напад со ракети и беспилотни летала врз главниот град, објави „Киев Индепендент“, a според медиумот, во раните утрински часови низ градот се слушале бројни експлозии.
„Ракетите паѓаат една по друга. Според моите пребројувања, имаше најмалку 10 до 12 експлозии. Во центарот на градот е прилично бучно“, изјави еден од новинарите на „Киев Индепендент“.
Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека била погодена нестанбена зона во областа Оболон, се наведува во извештајот.
Погодени биле и магацини во областа Подил, а „Киев индепендент“ пренесува дека и таму забележале пламен и чад. Засега нема информации за обемот на штетата.
Доцна во вторникот беше пријавен напад со беспилотно летало во североисточниот град Суми. Едно лице загина, а неколку други беа повредени, објави новинската агенција РБК-Украина, повикувајќи се на градоначалникот на градот.
Украина се брани од руска инвазија од целосен обем уште од февруари 2022 година. Рускиот претседател Владимир Путин денеска полни 74 години.












