четврток, јуни 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Келнерите и готвачите од Азија избегаа од Охрид, пензионерите се новата надеж...

Келнерите и готвачите од Азија избегаа од Охрид, пензионерите се новата надеж на угостителите

Недостигот на угостителски кадар се продлабочува, а решението сè повеќе се бара во домашната работна сила, преку новите законски можности. По заминувањето на странските работници, угостителите се обидуваат да го пополнат испразнетите работни места со пензионери и со студенти. Туристичката сезона во Охрид е под притисок, а проблемот со недостигот на работна сила останува сериозен во екот на сезоната

3972

И оваа туристичка сезона Охрид ќе се соочува со недостиг на угостителски кадар откако голем број македонски келнери и готвачи заминаа на сезонска работа во Хрватска, привлечени од повисоките плати и од подобрите услови. Проблемот со работната сила не е нов, но годинава дополнително се продлабочува. Искуството од изминатите години покажа дека дел од странските работници ангажирани како замена, најчесто од Непал, Индија, Филипините и од Иран, по краток период ја напуштаат земјава и заминуваат кон западноевропските држави, во потрага по подобро платени работни места. Хотелиерите и угостителите се принудени да се снаоѓаат со расположливиот кадар, што во одредени случаи може да влијае и врз квалитетот на услугата во екот на туристичката сезона, кога е најголема побарувачката.

Иако со новиот Закон за работно ангажирање лица се овозможува ангажирање пензионери, студенти и лица што бараат дополнителна работа, туристичките експерти се скептични дека ќе биде доволна оваа мерка за целосно надминување на недостигот на работна сила. Според нив, проблемот е подлабок и бара долгорочни решенија: повисоки плати, подобри услови за работа и поголема стабилност во секторот, со цел домашните работници да се задржат во земјава.

– Како и минатата година така и оваа година се соочуваме со недостиг на кадар во хотелско-угостителските објекти. Овој проблем се провлекува со години, но досегашното искуство покажа дека не може да се реши ниту со ангажирање странски работници, од кои значителен дел заминаа во западноевропските земји. Со новиот Закон за работно ангажирање лица, проблемот само делумно ќе се ублажи, бидејќи станува збор за работници штоќе можат да работат само по неколку часа дневно или во текот на викендите. Сепак, позитивно е што лицата што имаат потреба од дополнителна заработувачка ќе можат легално да се ангажираат преку овој Закон – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија, Крсте Блажевски.

Во хотелско-угостителскиот сектор има најголем недостиг на келнери и на готвачи, но проблем претставува и недостигот на собарки, чистачки и на друг помошен персонал.

– Не верувам дека оваа сезона ќе може да се користи во поголем обем Законот за работно ангажирање лица, бидејќи сè зависи од тоа колку се подготвени работодавците да ангажираат пензионери, студенти и други категории граѓани. Во однос на ангажирањето странска работна сила, постои одредена недоверба, затоа што овие работници најчесто не се веднаш обучени за работа во угостителството и е потребно дополнително оспособување. Често во нивното CV се наведува дека имаат искуство во хотели, ресторани или на бродови, но во практиката не секогаш се совпаѓа тоа знаење со реалните вештини при доаѓањето во земјава. Дополнително, голем дел од работниците од Азија ја користат Македонија како транзитна или отскочна дестинација кон западноевропските земји – изјави за весникот ВЕЧЕР туристичкиот работник и универзитетски професор, Климент Наумов.

Тој додава дека работниците што доаѓаат од Иран, генерално, се покажале како поквалификувани и посоодветни за работа во угостителството, но годинава нивниот ангажман е отежнат поради војната.

– Што се однесува до студентите, за нив ова претставува своевидна практика и прво работно искуство во струката. Според моите сознанија, околу 95 отсто од оние што ја започнуваат практиката во хотели и ресторани, продолжуваат да работат и по нејзиното завршување – додава Наумов.

Од Сојузот на синдикатите сметаат дека ниските плати остануваат еден од главните мотиви за заминувањето на младите од државата.

– Минималната и просечната плата во Македонија се меѓу најниските во регионот. Не заминуваат само поединечни работници туку сè почесто во странство заминуваат и цели семејства. Додека дел од политичарите тврдат дека постои тренд на враќање на младите, реалноста покажува поинаква слика. Странските агенции за посредување при вработување во соседните земји секојдневно објавуваат фотографии и информации за организирано заминување млади работници од Македонија, кои придонесуваат за туѓи економии наместо за сопствената – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на Сојузот на синдикатите, Слободан Трендафилов.

И покрај мерките за ангажирање домашни работници преку новите законски решенија и обидите за увоз на странска работна сила, проблемот со одливот на кадар кон странство и понатаму се продлабочува. Експертите и синдикатите предупредуваат дека без долгорочни мерки за подобрување на платите, условите за работа и задржување на работниците, секторот ќе продолжи да се соочува со недостиг на кадар, особено во екот на туристичките сезони.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ