Јавното комунално претпријатие „Гази Баба“ започна со поставување на нова урбана опрема, отворајќи ново поглавје во уредувањето и модернизацијата на јавните простори.
Во фокусот на активностите е целосно уредување на јавните површини, со посебен акцент на пешачките зони, рекреативните простори и местата за одмор.
– Се поставуваат нови клупи, канти за отпадоци и современа урбана опрема, со што се подобрува удобноста и секојдневното користење на просторот. Паралелно со ова, се работи на отворање нови паркови и проширување на зелените површини, создавајќи вистински оази на мир и свежина во урбаната средина. Новите зелени катчиња ќе понудат простор за релаксација, игра и дружење за сите генерации – соопштија од Општина Гази Баба.
Оттаму додаваат дека уредувањето на пешачките патеки и подобрувањето на инфраструктурата овозможува побезбедно и поудобно движење, додека новото осветлување придонесува за зголемена сигурност во вечерните часови.
Нагласуваат дека оваа иницијатива претставува силен чекор кон создавање поорганизирана, функционална и визуелно привлечна општина.












