Се подготвуваат законски измени за регулирање на користењето електрични тротинети со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на настанот за врсничко и семејно насилство во Владата. Тој информира дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе достави предлог-измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата врз основа на препораките од експертите и стручните служби на Министерството.
– Ќе одиме со заострување на казнената политика и на регулативата во делот на управување со електрични тротинети, особено кај најмладите – истакна Тошковски и посочи дека анализите покажуваат оти најголем број сообраќајни несреќи со тротинети се случуваат кај младата популација, особено кај лица до 17-18 години.
– Нелегалното управување, возење по двајца или тројца, без кациги и без почитување на правила доведува до сериозни последици – нагласи Тошковски.
Тој додаде дека некои од измените ќе опфатат и зголемување на старосната граница за управување со електрични тротинети со цел да се заштитат најмладите и да се намалат ризиците во сообраќајот. Тошковски нагласи дека, покрај институционалните мерки, клучна е и одговорноста на граѓаните во почитувањето на сообраќајните правила.












