Градската спортска сала во Делчево, која се наоѓа во рамки на спортскиот комплекс покрај фудбалските терени, со одлука на Владата, е дадена на трајно користење на Општина Делчево без надомест, со што конечно се решава долгогодишното прашање за статусот на објектот.
Одлуката, донесена на 5 јуни и објавена во „Службен весник на Република Македонија“, опфаќа повеќе делови од објектот со различна намена и површина, кои отсега ќе бидат под надлежност на локалната самоуправа.
Со тоа, по речиси 30 години, недоизградената спортска сала, која беше оставена да пропаѓа и да го нарушува изгледот на спортскиот комплекс, добива можност да биде ставена во функција и да стане современ простор за развој на спортот во Делчево.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, оцени дека станува збор за значаен чекор кон подобрување на условите за спорт и реализација на долгогодишните барања на спортистите, спортските клубови и граѓаните.
– Во име на Општина Делчево и од мое лично име изразувам благодарност до Владата за препознавање на потребата овој објект да премине во локална надлежност и да се стави во функција. Со овој чин се враќа надежта дека со заедничка работа можеме да ги обновиме вредностите што со години беа запоставени и да создадеме подобри услови за идните генерации – изјави Гоцевски.
Паралелно со решавањето на имотноправниот статус, во тек е и тендерската постапка на Министерството за спорт за реконструкција на градската спортска сала. Според најавите, до крајот на месецот се очекува да биде избран изведувачот, по што треба да започнат градежните активности за целосна обнова на објектот.












