среда, септември 30, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Ќе се постигне ли конечно консензус за Изборниот законик?: СДСМ не дојде...

Ќе се постигне ли конечно консензус за Изборниот законик?: СДСМ не дојде на маса, Шасивари ќе го бара Филипче за договор

Сметам дека изборниот процес и реформата на изборното законодавство се прашања за кои е потребен широк политички и институционален консензус. Затоа, во наредниот период ќе побарам средба со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со цел директно да разговараме за отворените прашања и да најдеме начин процесот да продолжи. Очекувам СДСМ да се приклучи на следниот состанок на работната група и да даде свој придонес во реформата. Изборниот законик не е сопственост ниту на една политичка партија, ниту на власта ниту на опозицијата – порача Шасивари

1

Скорешна средба со лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, со цел да се постигне консензус околу Изборниот законик, најави денеска министерот за правда, Јетон Шасивари. По седница на меѓупартиската работна група, која се случи по подолга пауза, а на која одново не присуствуваа социјалдемократите, министерот рече дека разговорот ќе биде на тема отворени прашања.

– Сметам дека изборниот процес и реформата на изборното законодавство се прашања за кои е потребен широк политички и институционален консензус. Затоа, во наредниот период ќе побарам средба со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со цел директно да разговараме за отворените прашања и да најдеме начин процесот да продолжи. Очекувам СДСМ да се приклучи на следниот состанок на работната група и да даде свој придонес во реформата. Изборниот законик не е сопственост ниту на една политичка партија, ниту на власта ниту на опозицијата – порача Шасивари.

Познато е, СДСМ ја напушти работата откако без консензус се укина обврската за формирање на техничка влада пред парламентарни избори. Освен тоа, партијата категорично не се согласува со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ на изборите да се овозможи електронско гласање на дијаспората.

Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека се согласиле како партија да дадат втора шанса за преговорите, иако СДСМ ги бојкотира на два начина – со недоаѓање и со поднесување над 9.500 амандмани со кои во Собранието е блокирано изгласувањето на измените во Изборниот законик.

– ВМРО-ДПМНЕ е подготвена тоа што ќе го договорат во опозицијата – СДСМ, ДУИ и Левица – околу предизборното финансирање на партиите, да го прифати. Единствената наша молба е уставно загарантираното право секој државјанин да може да го оствари правото на глас, вклучително и дијаспората да биде испочитувана и со новата технологија на еден посовремен начин електронски или поштенски да им биде олеснет начинот на гласање на оние што се државјани на Македонија, а не се резиденти на државата – рече Милошоски.

Претставничката од ЗНАМ, Весна Бендевска, го обвини СДСМ дека како партија го изгубила демократскиот капацитет и дека ова ѝ било последна шанса да го поправи тоа, за да има лице да критикува за заглавеноста на реформите. Таа рече дека ако на идниот состанок СДСМ повторно не дојде, постигнувањето консензус губи смисла бидејќи, според Деловникот во Собранието, таа може повторно да го блокира процесот.

– На Република Македонија ѝ треба законско решение, што преставува усогласување со европското право – рече Весна Бендевска.

Според Борислав Крмов од Левица, ова е политички трик на СДСМ за да ги остават нив повторно без пари за рекламирање, порачувајќи дека не се тука дојдени сепак за обезбедување пари туку за фер третман на изборите.

– Како Левица сме против онлајн гласање, но остануваат отворени за некое гласање по пошта, иако знаеме како функционира „Македонска пошта“. Ако разговорите пропаднат, тогаш ќе поднесеме измени на Изборниот законик за укинување на платеното политичко рекламирање, бидејќи и тоа е фер третман – нагласи Крмов. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ