Европа мора да се подготви за нови руски хибридни напади во наредните месеци, изјави денеска белгискиот министер за одбрана Тео Франкен, оценувајќи дека Русија претставува најголема закана за безбедноста на Белгија.
Во изјава за „Еуроњуз“, Франкен рече дека на Европа ѝ е потребна посилна противвоздушна одбрана, како и украинска технологија за да се спротивстави на руските беспилотни летала на млазен погон.
„Русија, воздушен напад, воздушен напад, воздушен напад. Тоа е најголемата закана. Затоа ни е потребна противвоздушна одбрана“, изјави белгискиот министер.
Тој порача дека европските земји мора да ги зголемат залихите, производството и индустриските капацитети, но и да ги забрзаат постапките за набавка и производство на воена опрема.
„Мора да имаме поголеми залихи, поголемо производство и посилна индустриска база. Сè мора да се одвива побрзо. Во наредните неколку месеци ќе има уште хибридни активности. За Европа ќе биде мрачна зима“, рече Франкен.
Белгискиот министер посочи дека Русија, според неговата оценка, има пет децении искуство во изведување хибридни напади и нагласи дека Белгија мора да ги следи технолошките промени.
„Не сакам да имаме 200.000 беспилотни летала на залиха, а по два месеца да не можеме да ги користиме затоа што се застарени. Затоа мора да се приспособуваме“, рече тој.
Франкен призна дека Белгија со години издвојувала недоволно средства за одбраната, но посочи дека издвојувањата сега се зголемени.
„Бевме како најлошиот ученик во одделението на НАТО. Издвојувавме еден процент од бруто-домашниот производ за одбраната“, изјави тој, додавајќи дека средствата во меѓувреме се удвоени.
Тој истакна дека Белгија во моментов има најголем јавен долг во Европската Унија и се соочува со една од најтешките буџетски состојби, но оти владата и понатаму е посветена на зголемување на издвојувањата за одбраната.
Сепак, Франкен оцени дека во блиска иднина за Белгија не е реално издвојувањето пет проценти од БДП за одбраната.












