Британскиот премиер Енди Бернам изјави дека Велика Британија треба да разгледа различни опции за своите идни односи со Европската Унија, вклучувајќи и конечно враќање во неа, а воедно да ги засили и напорите за обнова на врските со Европа.
Во разговор за Би-би-си, откако на годишната конференција на Лабуристичката партија изјави дека Брегзит „направил повеќе штета отколку корист“, Бернам рече дека Велика Британија треба да разгледа различни модели за долгорочен однос со Европа и да одлучи кој од нив нуди најдобар пат напред.
– Можеме да останеме таму каде што сме. Тоа е секако една опција, ако луѓето мислат дека ова е добро место. Можеме да го разгледаме она што Џорџ Осборн го кажа за царинската унија. Можеме да го разгледаме она што либералните демократи го кажаа на нивната конференција за единствениот пазар и можеме да одиме до крај, рече Бернам.
Осборн, поранешен конзервативен канцелар, се залагаше за влегување на Велика Британија во царинска унија со ЕУ, додека либералните демократи повикаа Велика Британија да се врати на европскиот единствен пазар. Бернам рече дека опциите треба да се проценат врз основа на тоа „што е изводливо“ и предностите и недостатоците на секоја од нив.
Велика Британија гласаше за напуштање на ЕУ во 2016 година, со што го заврши повеќе од четиридецениското членството и почнаа години политички превирања додека последователните влади се бореа со економските и дипломатските последици.
Претходно, Бернам најави дека ќе ги изложи опциите за долгорочните односи на Велика Британија со ЕУ на самитот Велика Британија – ЕУ во ноември. Бернам, кој го замени Кир Стармер во јули, рече дека би сакал Велика Британија повторно да се приклучи на ЕУ за време на неговиот живот. Тој, исто така, тврдеше дека земјата не може да си дозволи уште една деценија неизвесност околу ова прашање.
– Сакам да бидам апсолутно јасен и ќе го кажам тоа отворено: Брегзит направи повеќе штета отколку корист. Значи, прашањето е, што ќе правиме во врска со тоа?, рече тој.












