понеделник, февруари 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Ќе се гради велопатека од населбата Беровско Езеро до преминот Клепало

Ќе се гради велопатека од населбата Беровско Езеро до преминот Клепало

111

Велосипедска патека, со должина од околу 22 километри, е новиот одобрен проект, кој во следниот период, ќе се реализира во Берово, во рамки на Програмата „ИНТЕРРЕГ VI-А IPP Бугарија – Македонија 2021-2027“, раководени од Министерството за регионален развој и подобрување.

Постојната трасирана патека е една од најатрактивни локации за планински велосипедизам како туристичка понуда, со старт од меѓународниот асфалтен пат во туристичката населба Беровско Езеро, преку месноста Кукута и месноста Бреза и завршува на граничниот премин Клепало, каде што се поврзува со асфалтен пат.

Проектот предвидува и изградба на место за одмор и рекреација – летниковец од дрвен материјал на соодветна локација во месноста Кукута, соодветна сигнализација по целата велосипедска патека, со одбележување на сите локации. На соодветна локација предвиден е исто така и вграден сервис за брза поправна на велосипеди, поставен на бетонска подлога и место за одмор, опремено со тоалет и корпи за отпадоци. Ќе бидат изработени две големи информативни табли од дрвен материјал.

Партнери на Општина Берово, во проектот се: Општина Струмица, Туристичкиот сојуз од Струмица, од Македонија и Општина Петрич, Општина Струмјани и Бизнис информационен и консултански центар – Сандански во Република Бугарија. Водечки партнер во проектот е Општина Петрич.

 

 

ИЗДВОЕНИ