Поради аферата „Генералштаб“
Н: Српскиот парламент ќе гласа за недоверба на Владата и на премиерот
Во Србија, во следните седум до десет дена, треба да се одржи седница на Собранието, на која ќе се расправа за предлогот за изгласување недоверба на Владата на премиерот Ѓуро Мацут. Иницијативата ја поднесоа 62 опозициски пратеници, а во нејзиниот центар е аферата „Генералштаб“, која веќе со месеци го држи политичкиот фокус во Белград.
Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, изјави дека парламентарното мнозинство ќе обезбеди кворум и дека пратениците ќе имаат три работни дена за расправа. Таа оцени дека Владата има поддршка и дека иницијативата на опозицијата нема реални шанси да помине. Но самото отворање на расправа за недоверба доаѓа во период во кој српската политичка сцена е под силен притисок од аферите, протестите, изборните најави и судирите околу институционалната одговорност.












