НБА-лигата ги објави кандидатите што останаа во потесниот круг за наградите што им се доделуваат на кошаркарите од најсилната лига во светот за достигнувањата во текот на регуларната сезона. Најголем интерес предизвика одлуката за тоа кои тројца играчи ќе бидат избрани за добитник на најпрестижната индивидуална награда, МВП или најкорисен играч на лигата.
Тоа се: Шеи Гилџус-Александар, бранител на титулата, како и на шампионска титула во НБА со Оклахома; Никола Јокиќ од Денвер и Виктор Вембањама од Сан Антонио.
Шеи ја заврши регуларната сезона со просек од 31,1 поен на натпревар, што го прави втор најдобар стрелец во лигата. Тој има 4,3 скока и 6,6 асистенции на натпревар, додека неговиот просечен шут е 55 проценти.
Јокиќ, МВП во 2021, 2022 и во 2024 година, ја заврши регуларната сезона со просек од трипл-дабл од 27,7 поени, 12,9 скока и 10,7 асистенции на натпревар. Тој е најдобар во лигата по скокови и асистенции. Шутираше со 56,9 проценти од поле. Вембањама, дебитантот на годината во 2024 година, имаше 25 поени, 11,5 скока и 3,1 асистенција на натпревар, со 51,2 проценти шут.
Но, од оваа листа испадна најдобриот стрелец сезонава, Лука Дончиќ. Тој веќе не е меѓу кандидатите за МВП и покрај тоа што играше брилијантно во својата прва целосна сезона за Лејкерс. Тој е најдобар стрелец во лигата со 33,5 поени на натпревар. Тој, исто така, има 7,7 скока и е трет најдобар додавач во лигата, со 8,3 асистенции. Покрај тоа, Дончиќ е на врвот по украдени топки, со 1,6 на натпревар. Сепак, сето ова не беше доволно за да се влезе меѓу тројцата кандидати за МВП.
Дончиќ ја заврши регуларната сезона со 64 настапи, еден помалку од минимумот потребен за влез во конкуренцијата. Сепак, пред неколку дена беше одлучено дека тој може да се натпреварува за наградите и покрај тоа што не го одигра потребниот број натпревари. Одлуката ја донесоа заеднички раководството на НБА и Националната асоцијација на кошаркари, повикувајќи се на клаузулата за вонредни околности од колективниот договор.
Дончиќ пропушти два натпревари за да присуствува на раѓањето на својата ќерка во Словенија. Откако ги разгледаа сите околности, НБА и Националната асоцијација се согласија дека тој е подобен за наградите врз основа на претходно споменатата одредба за вонредни околности. Сепак, не успеа да влезе во најтесниот круг.











