четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Почна втората фаза од реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“, во Куманово

Почна втората фаза од реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“, во Куманово

1686

Продолжи реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“, во Куманово. Во втората фаза ќе се работи на крајот на улицата кон кружниот тек кај Митев мост, а предвидено е поставување на атмосферска канализација и реконструкција на сообраќајницата.

Општина Куманово, минатата недела, ги извести граѓаните дека ќе се работи во овој дел на градот.

– Се известуваат граѓаните дека во наредниот период ќе се отстранува постојаната асфалтна конструкција по цела ширина на улицата и дека пристапот за возила на потег од ул. „100“ до кружниот тек ќе биде отежнат, сè до обезбедување на услови за повторно нормализирање на состојбата. Ова е неопходно заради намалување на ризици за безбедност при движење на граѓаните и возилата, како и заради безбедно и несметано извршување на градежните работи – се наведува во соопштението на Општина Куманово.

Првата фаза од реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“ започна во мај минатата година, а досега е завршена реконструкцијата на водоводната мрежа на потегот од „Пијано Престиж“ до УЈП.

Како што е предвидено во проектот, ќе се замени целата подземна инфраструктура на улицата, а ќе се постави и нова електрична и оптичка инсталација. Во должина од 830 метри ќе се изгради нова атмосферска канализација со профил Ф/1000. На дел од улицата, ќе се замени водоводната и фекалната канализациска мрежа, бидејќи постојната е стара повеќе од 50 години.

За паркирање на возилата се проектирани 108 паркинг-места, со цел да се ослободат тротоарите и пешачкиот простор за побезбедно движење на пешаците. Ќе бидат поставени столпчиња и полуподземни контејнери.

Фирмата и надзорен орган се избрани од Владата, а проектот се реализира преку Министерството за транспорт и Светската банка, во соработка со локалната самоуправа.

 

 

ИЗДВОЕНИ