Министерот за енергетика на Катар, Саад ал-Каби, предупреди дека сите производители на енергија во Заливот би можеле да го запрат извозот во рок од неколку недели ако конфликтот во Иран продолжи и цените на нафтата достигнат 150 долари за барел (во Европа, барелот моментално е 89 долари).
Предупредувањето доаѓа откако Катар веќе го запре производството на течен природен гас (LNG) поради иранските напади врз земјите од Заливот, што дојде како одмазда за израелските и американските напади.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Ал-Каби рече дека очекува другите регионални извозници да го следат примерот на Катар. Катар, чие производство на LNG сочинува околу 20% од глобалното снабдување и е клучно за енергетските пазари во Азија и Европа, го запре производството во понеделник.
„Ако ова продолжи, очекуваме сите што веќе не го сториле тоа да прогласат виша сила во следните неколку дена. Сите извозници во регионот на Заливот ќе мора да прогласат виша сила“, рече Ал-Каби.
Министерот предупреди на сериозни последици за глобалната економија. Тој предвидува дека цената на суровата нафта би можела да достигне 150 долари за барел за две до три недели ако сообраќајот низ Ормутскиот теснец, клучниот светски пат за извоз на нафта, биде затворен.
„Ако оваа војна продолжи неколку недели, тоа ќе влијае на растот на БДП низ целиот свет“, рече тој. „Цените на енергијата ќе растат за сите. Ќе има недостиг од некои производи, а ќе следи и верижна реакција во фабриките кои нема да можат да испорачуваат стока.“
Ал-Кааби очекува цените на гасот да се зголемат на 40 долари за милион британски термални единици. Тој додаде дека дури и во случај на моментален прекин на непријателствата, на Катар ќе му бидат потребни „недели до месеци“ да ги нормализира испораките.












