Состојбата со болеста сипаници кај малите преживари, поради која досега во земјава се уништени околу 2.700 овци, предизвикува сѐ поголема загриженост кај сточарите. Тие алармираат дека постојано расте бројот на жаришта и дека во моментов се регистрирани 17 активни, што укажува на сериозно ширење на заразата. Сточарите реагираат за бавната реакција на надлежните институции и предупредуваат дека секое дополнително одложување на мерките може да доведе до уште поголеми економски загуби и уништување на добитокот. Велат дека многу фармери се соочуваат со неизвесност, бидејќи, покрај принудното уништување на заразените животни, трпат и директни финансиски последици поради ограничувањето за движење и за трговија.
Од Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“ за весникот ВЕЧЕР велат дека во соседните земји, каде што веќе е раширена болеста, надлежните институции навремено презеле дополнителни мерки за спречување на ширењето, вклучително и спроведување вакцинација. Според нив, искуствата од регионот покажуваат дека брзата реакција е клучна за ставање на болеста под контрола и за намалување на штетите во секторот. Очекуваат на најавената средба во Агенцијата за храна и ветеринарство да бидат донесени конкретни мерки за справување со болеста. Тие бараат навремена исплата на обесштетувањето за уништениот добиток, како и сериозно разгледување на можноста за вакцинација доколку биде препорачано тоа од ветеринарните служби. Во спротивно, предупредуваат дека ќе организираат протест, бидејќи, како што велат, сточарите повеќе не можат сами да ги поднесуваат последиците од ширењето на болеста.
– Ситуацијата со болеста е исклучително алармантна, а надлежните институции сѐ уште не преземаат доволно конкретни мерки за спречување на понатамошното ширење. Болеста се шири со голема брзина и, според нашите сознанија, веќе е надвор од контрола – изјави за весникот ВЕЧЕР претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“, Насер Џемаили.
Тој посочува дека во моментов се евидентирани 17 жаришта во источниот дел на државата, а нивниот број секојдневно расте, што дополнително ја влошува состојбата во секторот.
– Досега има над 1.400 пцовисани животни, а материјалната штета е огромна. Од ден на ден расте стравот кај сточарите дека ќе се прошири болеста и во други региони. Додека кај нас сѐ уште се чека на конкретни одлуки, соседните земји веќе воведуваат дополнителни мерки. Во Романија, на пример, е воведена задолжителна вакцинација, со цел да се спречи понатамошното ширење на заразата – вели Џемаили.
Според него, дополнителен проблем претставуваат и ниските надоместоци што ги добиваат сточарите за уништениот добиток. Како што истакнува, обесштетувањето што го исплаќа државата не ја покрива реалната вредност на животните.
– Надоместокот се движи од 5.000 до 12.000 денари за грло, што е значително под пазарната цена. Со тие средства сточарите не може да ги надоместат загубите, ниту повторно да ги обноват своите стада – нагласува Џемаили.
Од Сојузот апелираат Министерството за земјоделство итно да свика состанок на кој ќе се утврдат јасни насоки за понатамошно постапување.
– Потребни ни се итни и конкретни мерки. Сточарите мора да знаат што треба да прават: дали да се пристапи кон вакцинација доколку стручните процени го дозволуваат тоа или да се преземат други мерки за спречување на ширењето на болеста. Неизвесноста само ја влошува состојбата на терен – додава тој.
Џемаили потсетува дека Сојузот уште пред една година почнал кампања за информирање и предупредување на сточарите за ризиците од болеста, но, како што вели, и покрај постојаните апели, сѐ уште нема сеопфатен план за справување со кризата.
– Ако не се преземат итни чекори за заштита на добитокот, ќе ги загубиме и малкуте стада што останаа. Последиците нема да ги почувствуваат само сточарите туку и целото домашно производство. Уништената стока и загубите што ги трпат фармерите многу тешко може да се надоместат – предупредува претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци.
Надлежните и ветеринарните експерти нагласуваат дека сипаниците кај малите преживари не претставуваат ризик за здравјето на луѓето. Болеста ги зафаќа исклучиво овците и козите и не се пренесува на човек.
Тоа значи дека со консумирање млеко, млечни производи, месо и месни производи, луѓето не може да се заразат со оваа болест. Исто така, заразата не се пренесува ниту преку директен контакт меѓу заразено животно и човек, па затоа нема опасност за јавното здравје.
Сепак, болеста има сериозни последици за сточарското производство, бидејќи предизвикува големи економски загуби, пцовисување и уништување на животните, како и ограничувања во трговијата и движењето на добитокот. Затоа ветеринарните служби апелираат одгледувачите строго да ги почитуваат пропишаните биосигурносни мерки и навремено да го пријават секој сомнителен случај.
(А. С.)












