По епидемијата во Гостивар, општинските водоводи ги зачестија контролите на водата и вистината до граѓаните- што пијат од градските чешми, па така јавноста деновиве дозна дека и водата во Крушево и Валандово не била исправна и беше забранета за пиење. Дека загаденоста на водите за пиење не е од сега, туку е оддамна проблем со голем ризик по здравјето, редовно нотирале од Институтот за јавно здравје во нивните редовни годишни извештаи. Последниот од 2024 година покажува дека слабостите во водоснабдителните системи – недоволна дезинфекција, недоволен надзор, несоодветно одржување и незаштитени изворишта – се присутни со години.
Анализата од пред две години предупредува на нередовна или целосно отсутна дезинфекција на дел од водоснабдителните системи, несоодветно одржување на водоводната инфраструктура, особено во руралните средини, недоволно заштитени санитарни зони околу извориштата, недостаток на опрема за пречистување и дезинфекција, како и нередовен мониторинг на квалитетот на водата.
Најзагрижувачки се податоците за селските водоводи, каде половина (49,1%) од бактериолошките примероци биле неисправни, а 31,2 % од физичко-хемиските анализи не ги исполнувале законските стандарди. И самиот Институт во заклучокот на извештајот оценува дека, и покрај инвестициите на локалните и централните власти во последните години, напредокот не е задоволителен, што го потврдуваат лабораториските анализи. Кај неисправните примероци најчесто се детектирале колиформни бактерии, Escherichia coli, цревни ентерококи и Pseudomonas aeruginosa, кои се индикатори за фекално загадување на водата и претставуваат ризик по здравјето, особено за децата, постарите лица и лицата со ослабен имунитет.
„Потребни се поголеми напори за пречистување на сировата вода, редовна дезинфекција на водата за пиење, како и одржување на зоните на санитарна заштита и водоснабдителните системи од страна на обучен и стручен кадар. Клучната улога во овој процес ја игра јасната распределба на одговорноста на локалните и централните власти кои имаат должност да обезбедат квалитетна вода за пиење за населението како и безбедни води за капење, но секако и одговорноста на населението во зачувувањето на животната средина во целина“, заклучиле докторите од ИЈЗ.
Во Валандово водата повторно е безбедна, Крушево сѐ уште под забрана
Во Валандово локалната власт ја смирува јавноста откако вонредните анализи на ИЈЗ покажаа дека водата од градскиот водовод е безбедна за пиење и концентрацијата на арсен е далеку под максимално дозволената граница, а во Крушево забраната сѐ уште останува на сила.
ЦЈЗ – Прилеп соопшти дека водата во Крушево е бактериолошки неисправна поради прекин во снабдувањето со електрична енергија, што предизвикал застој на системот за хлорирање. Иако, според надлежните, дефектот е отстранет и се врши редовно хлорирање и секојдневна контрола на нивото на хлор, препораките за некористење на водата за пиење остануваат во сила сѐ додека не се добијат три последователни исправни лабораториски анализи, со што официјално ќе се потврди дека водата повторно е безбедна за употреба. До тогаш, жителите се советуваат за пиење да користат пакувана вода, а водата од водоводот да ја употребуваат само по превривање најмалку 10 минути за подготовка на храна и за други потреби. Водата и те како е потребана во градот во пресрет на празникот Илинден кога се очекуваат многу посетители. Градоначалникот вели дека секојдневно се проверува за присуство на хлор, а два пати месечно се проверува бактериолошката исправност од страна на ЦЈЗ.
„ Се надеваме дека, конечно напорите на општината и комуналното претпријатие за зафаќање на дополнителни гравитациони извори, ќе вродат со плод. Во моментов се очекува да започнат инвестиции во реконструкција на дел од водоснабдителниот систем. Интензивно се работи на намалување на количините на неприходувана вода. А посебно, се превземаат интензивни активности за намалување на загубите за вода од гравитациони извори, вели градоначалникот на Крушево Нико Чоневски за радио Канал77.
СДСМ бара истрага, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за ширење паника
Случајот со загадената вода во Гостивар прерасна во политичка пресметка меѓу власта и опозицијата. По Гостивар, Валандово, Крушево и случајот со пронајдени колиформни бактерии во Болницата за белодробни заболувања во Лешок, од СДСМ побараа итно објавување на сите анализи за квалитетот на водата, целосна истрага за постапувањето на надлежните институции, како и вонредни анализи на водата за пиење во Велес и околните населени места, повикувајќи се на стручни наоди дека во дел од селските водоводи е регистрирана Escherichia coli, бактерија што е индикатор за фекално загадување.
„ СДСМ, преку своите советници, бара вонредни анализи на водата за пиење во Велес и околните населени места. Конкретно во Велес СДСМ побара да се проверат сите водоводи поради тоа што последните наоди и стручни мислења коишто се јавно објавени покажуваат дека скоро секаде во селските водоводи има Escherichia coli индикатор за фекално загадување“, изјавија од СДСМ
На обвинувањата реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде оценија дека СДСМ ја злоупотребува состојбата за политички цели и шири паника кај граѓаните. Според владејачката партија, наместо да нуди решенија, опозицијата се обидува да собира политички поени врз случајот во Гостивар. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека надлежните институции реагирале брзо и професионално и дека проблемот во Гостивар ќе биде надминат во најкус можен рок, додавајќи дека јавноста треба да добива точни информации, а институциите да бидат оставени непречено да ја вршат својата работа. Од партијата одговорноста за состојбата во Гостивар ја лоцираат и кај локалната власт, предводена од коалицијата на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците. (П.А.)











