среда, август 5, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ќе донесе ли европската енергетска криза повисоки сметки за струја?

Ќе донесе ли европската енергетска криза повисоки сметки за струја?

Македонскиот електроенергетски систем засега останува стабилен, благодарение на поволната состојба со домашното производство и акумулациите. Сепак, земјата и натаму е зависна од увоз и од движењата на регионалните берзи, па евентуалните нарушувања во европските енергетски пазари можат да се одразат врз цените, особено за индустријата и големите потрошувачи. Климатските промени и сè почестите екстремни временски услови ја наметнуваат потребата од дополнителни инвестиции во нови капацитети и поголема енергетска независност

0

Долготрајните високи температури и намалените водостои на големите европски реки веќе се одразуваат врз енергетските системи во регионот. Намаленото производство од хидроелектраните, ограничувањата кај дел од нуклеарните централи и зголемената потрошувачка поради разладување создадоа дополнителен притисок врз пазарите на електрична енергија. Проблемите се чувствуваат и во соседството. Унгарската нуклеарна централа „Пакш“ за малку избегна намалување на производството, словенечката „Кршко“ мораше да го ограничи работењето поради високата температура на водата во реката Сава, додека најголемата српска хидроелектрана „Ѓердап“ работи со значително намален капацитет.

Во вакви услови, прашањето е дали последиците од европската енергетска нестабилност може да се почувствуваат и во Македонија, односно дали европската криза ќе донесе повисоки сметки за струја и за македонските граѓани?

Од Министерството за енергетика уверуваат дека домашниот систем засега е стабилен и дека нема непосреден ризик за производството. Според нив, состојбата со акумулациите е поволна, со околу 70 отсто исполнетост, што овозможува нормално управување со хидропотенцијалот.

Дополнителен позитивен сигнал се податоците за домашното производство. Во мај годинава, Македонија произвела 462.653 мегават-часови електрична енергија, со што биле покриени 96,5 проценти од домашната потрошувачка. Производството од хидроелектраните е зголемено за 76 проценти во однос на истиот период минатата година, а пораст има и кај ветерните електрани.

Сепак, и покрај подобрените резултати, земјата останува зависна од увоз на електрична енергија, што значи дека директно ги чувствува движењата на регионалните пазари. Во услови кога намалената понуда и зголемената побарувачка ги зголемуваат берзанските цени, најголем удар имаат компаниите кои купуваат струја на слободниот пазар. За домаќинствата, влијанието е ограничено поради регулираните цени, но поскапата енергија може дополнително да ги зголеми инфлаторните притисоци.

Енергетската криза повторно ја отвори темата за потребата од поголема независност и отпорност на системот. Македонија во изминатиот период забележува пораст на инвестициите во обновливи извори, особено во соларните и ветерните капацитети. Во тек се проширувањето на ветерниот парк „Богданци“, проектите за фотонапонски централи во Битола и Осломеј, како и подготовките за батериски системи за складирање енергија.

Паралелно се работи и на подобрување на регионалната поврзаност преку гасните интерконектори со Грција и Србија, како и преку приклучувањето кон европскиот Вертикален гасен коридор.

Анализата на состојбата покажува дека Македонија моментално нема причина за аларм поради ниските водостои во Европа, но регионалните случувања се предупредување дека климатските промени и нестабилните енергетски пазари ќе бараат поголеми инвестиции, подобро планирање и побрза транзиција кон поразновиден енергетски систем.

ИЗДВОЕНИ