Тричасовниот мјузикл во режија на Дејан Пројковски и по текст на Венко Андоновски, инспириран од музиката на реномираниот македонски гитарист Влатко Стефановски, ја воодушеви публиката на вчерашната премиерна изведба на сцената на Македонскиот народен театар. Младите актери, кои со огромна енергија и посветеност истовремено пееја, танцуваа и глумеа, докажаа дека домашната театарска сцена има потенцијал за амбициозни продукции и талентирана актерска екипа подготвена да одговори на секој предизвик

 

Македонија конечно го доби својот прв оригинален мјузикл. Вчеравечер, на сцената на Македонскиот народен театар, премиерно беше изведена музичката приказна „Као какао“, инспирирана од култните хитови на Влатко Стефановски во режија на Дејан Пројковски и по текст на Венко Андоновски. Овој мјузикл, кој беше дочекан со голем интерес од јавноста, донесе вистинско сценско освежување и покажа дека македонската театарска сцена има млада и талентирана актерска екипа подготвена да одговори на секој предизвик. „Као какао“ ја поведе публиката на емотивно патување низ едно поинакво Скопје – градот од младоста, соништата и првите љубови – будејќи ги пеперутките во стомакот. Токму пеперутката е и мотив кој се наоѓа на плакатот со кој е најавен мјузиклот.

Она што остави особен впечаток во претставата, во која главниот лајтмотив беше дека ако веруваш во себеси и во своите соништа, со труд и работа од гасеница можеш да станеш пеперуга, е токму огромната енергија со која настапија младите актери. Во претстава што трае речиси три часа, тие истовремено играат, пеат и глумат, притоа одржувајќи ритам и концентрација од почетокот до самиот крај. Нивната посветеност и сценската дисциплина беа клучните двигатели на оваа амбициозна копродукција на Баги комуникации и МНТ.

Дополнителна вредност на претставата е музиката која беше изведена во живо. Публиката не остана рамнодушна на добро познатите композиции на Влатко Стефановски, кои добија нова свежина преку аранжманите што, специјално за оваа продукција, ги создаде Бобан Мирковски. Оркестарот, во чиј состав настапуваат и членови од бендот на Стефановски, создава автентична атмосфера и силна поврзаност меѓу дејството на сцената и музичкиот материјал. Низ претставата, во фрагменти беа изведени околу дваесет песни од богатиот опус на Стефановски, кои прецизно ја следеа и ја надополнуваа целата приказна. Ги слушнавме добропознатите „Чукни во дрво“, „Као какао“, „Скопје“, „Femme Fatale“, „Ја чувам ноќта од будните“, „Скопје“… па дури и „Учи ме мајко, карај ме“, во изведба на музичарот, како и „Бушавата азбука“…

Сценографијата, пак, успешно го доловува Скопје од последните децении на дваесеттиот век. Старите градби, препознатливите градски мотиви и Камениот мост создаваат визуелен амбиент што ја враќа публиката во едно минато време. Покрај архитектонскиот изглед на градот, на сцената уверливо беше претставена и тогашната општествена реалност, со сите предизвици, очекувања и ограничувања.

Претставата е проткаена и со хумор, а особено се истакнува Тања Кочовска, која уште еднаш потврдува дека е мајстор на комичните ситуации. Со својот препознатлив шарм, таа предизвикува искрени реакции кај публиката. Но, зад неа, во слични ситуации, воопшто не заостануваат ниту помладите актери, кои со голема сигурност ги реализираат своите улоги, носејќи ја приказната со голем ентузијазам.

Меѓу бројната актерска екипа се истакнаа Владимир Петровиќ и Катерина Јовановиќ, кои ги толкуваат главните ликови. Нивната актерска и вокална изведба е исполнета со емоција, а енергијата што ја вложуваат на сцената не се намалува  до самиот крај. Тие убедливо ја пренесуваат љубовната приказна што е во центарот на дејството, успевајќи да го задржат вниманието на публиката низ целата претстава.

Во претставата, свој печат оставија и Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јордан Симонов, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Антонио Ташковски, Наталија Теодосиева, Денис Абдула, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Ѓорге Нешковиќ, Анастасија Трајковска, Јована Миладинова, Анастасија Митровска и Леонида Гулевска. Кореографијата е на Олга Панго, со асистенција на Ирена Лозинска.

Според оние што присуствуваа на премиерата, „Као какао“ е повеќе од мјузикл. Тоа е приказна за младоста, љубовта, пријателството и за спомените што остануваат да се паметат засекогаш. Со одлична музика, впечатлива сценографија и актерска екипа која на сцената го остава и последниот атом енергија, претставата ја освои публиката и покажа дека домашната театарска сцена има што да покаже.

(Д. Т.) Фото: Ѕ. Плавевски

ИЗДВОЕНИ