Најновите воени вежби на Корејската народна армија, одржани на 19 март, укажуваат на значаен чекор напред во развојот на мрежно центрирано и комбинирано војување, што би можело дополнително да ги подобри офанзивните способности на севернокорејските сили во евентуален конфликт со технолошки понапредните системи на Јужна Кореја и САД, пренесе „НК Њуз“.
Според државните медиуми, целта на маневрите била да се подобри координацијата на тактичките единици во услови што симулираат реални борбени ситуации. Посебен акцент беше ставен на заедничкото дејствување на тенковските и пешадиските формации во пробивањето и заземањето на утврдените одбранбени линии, кои се присутни со децении долж поделениот Корејски Полуостров.
Како дел од вежбите, беспилотни летала со различни намени беа користени за извидување и напад, при што командните центри и противтенковските позиции на „непријателот“ беа таргетирани врз основа на податоци собрани во реално време. Оваа употреба на беспилотни летала укажува на сè поизразената интеграција на извидувачките и ударните системи во оперативната структура на севернокорејската армија.
Посебно внимание беше посветено на „демонстративниот напад“ на тенковска единица опремена со новиот главен борбен тенк „Чонгма 20“. Според извештајот на Корејската централна новинска агенција, овој тенк покажал високо ниво на огнева моќ, мобилност и заштита за време на вежбите. Се вели дека неговиот систем за активна заштита успешно ги пресретнал сите симулирани напади од противтенковски ракети и беспилотни летала, што укажува на напредок во областа на одбранбените технологии.
Според достапните податоци, системите за контрола на оган на „Чонгма 20“ се значително подобрени во споредба со претходните генерации, кои се потпираа на технолошки решенија од периодот на Студената војна. Ова подобрување овозможува подобра интеграција во операциите со комбинирано оружје и ја зголемува целокупната борбена ефикасност на единиците, пренесе „Политика“.












