Јужна Кореја денес го повлече својот амбасадор во Украина, две недели откако украинскиот претседател Володимир Зеленски обелодени информации за префрлањето на севернокорејски воени заробеници во Јужна Кореја – потег што предизвика сериозен дипломатски спор.
„Владата се надева дека отворените билатерални прашања ќе бидат решени и ќе продолжи со консултациите со украинската страна во таа насока“, се наведува во соопштението на јужнокорејското Министерство за надворешни работи, пренесе од „Политико“.
На 24 септември, јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг ја обвини Украина за кршење на договорот за доверливост меѓу Сеул и Киев, откако Зеленски откри информации во врска со префрлањето на двајца севернокорејски војници во Јужна Кореја.
Иако Сеул јавно се обврза да прифати севернокорејски воени заробеници, Ли изјави дека обелоденувањето информации за такво „исклучително чувствително прашање“ може да предизвика „многу проблеми“.
Киев првично го негираше постоењето на таков договор, а украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха подоцна ја опиша ситуацијата како „дипломатско недоразбирање“. Неговиот јужнокорејски колега, Чо Хјун, изјави дека Сибиха се извинил, но нагласи дека тоа не е доволно.
„Со оглед на јазот меѓу реалниот исход и нивото што го очекувавме, имаме намера да преземеме одлучни мерки“, рече Хјун.
Јужна Кореја го поддржува Киев уште од почетокот на војната, која ги зајакна врските меѓу Москва и Пјонгјанг. Десетици илјади севернокорејски војници се испратени да им се придружат на руските трупи, а Зеленски во јуни тврдеше дека Русија се обидува да вклучи уште повеќе Севернокорејци во конфликтот.












