„Песната зборува за еден настан, кој на мене остави длабока трага. Драматичната љубовна приказна што ја прераскажувам низ песната. Се надевам дека ќе допре до срцата на луѓето. Мене ме трогна!“
Со песната „Љубов за три животи“, познатата македонска пејачка со моќен глас, Јованка Јо (со вистинското име Јованка Јакимоска), и поранешна многу успешна македонска учесничка во балканското шоу „Никогаш не е доцна“ (Никад није касно) уште еднаш го потврдува својот врвен статус на нашата музичка сцена.
Новата песна и видеоспотот веќе се достапни на музичките платформи и на социјалните мрежи. Сигурно ќе го најдат патот до срцата на обожавателите на Јованка, која со своите интерпретации никого не остава рамнодушен.
Така беше и додека настапуваше во шоуто „Никогаш не е доцна“, кога и жирито и публиката едногласно ги освои со вонсериско пеење на големиот хит „Још се срце уморило није“ од репертоарот на легендарната Тереза Кесовија, а која потоа и самата дива искрено ја пофали толку силната интерпретација на Јованка.
По објавувањето на оваа новата песна, пејачката, која зрачи со харизма, ни раскажа дека композицијата е, всушност, вистинска животна приказна. – „Љубов за три животи“ зборува за еден настан, кој на мене остави длабока трага. Драматичната љубовна приказна што ја прераскажувам низ песната. Се надевам дека ќе допре до срцата на луѓето. Мене ме трогна, емотивно порачува познатата пејачка.
Музиката, текстот и аранжманот ги потпишува Ефтимија Јованова, додека во песната, Јованка го пее и придружниот вокал, што дополнително ја подзасилува композицијата. Видеоспотот е визуелно естетски и внимателно осмислен. Камерата е дело на Стефан Рајхл, додека монтажата ја потпишува Александар Пауновски. Во видеото се појавуваат актерката Деа Рајхл и танчарот Даниел Коцев. Сè е толку добро осмислено и измонтирано што нема ни да трепнете додека го гледате спотот. (Д. М.)












