Од небо да им врне, од земја да им никне!“
И ова лето, доследни на традицијата на вековните обичаи со свадбени поворки, со песни и ора, ќе се презентира пред домашната и светската јавност никогаш заборавената македонска „Галичка свадба“. Одбраната двојка ќе ја круниса својата љубов на Петровден, со што воедно ќе даде завет и пред Бога. Минатата година, „Галичката свадба“ се одржа од 12 до 14 јули. Невеста беше Стефана Димитрова, по потекло од Галичник, а младоженец – Даријан Кочоски. Невестата Стефана, преку своите родители, потекнува од познати галички семејства, а двајцата, пред тоа, биле учесници на „Галичката свадба“

Месната заедница Галичник, по објавениот годинашен конкурс за избор на зет и невеста за „Галичката свадба“, која ќе се одржи, традиционално, во празничниот петровденски викенд, од 11 до 13 јули, во Галичник, гордо истакнува дека зет и невеста ќе бидат Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска.

Инаку, Јован е потомок на галичкото семејство Филипоски, па уште како дете чекорел по Галичник облечен во носија. Од најрана младост сонувал дека и тој, еден ден, ќе биде галички младоженец. Сега му се остварува сонот.
Неговата избраничка, Лилјана, како учесничка, ја почувствувала магијата на „Галичката свадба“ во 2022 година, а ова лето ќе застане гордо, како вистинска галичка невеста, со срце полно љубов и со почит кон македонската традиција.
На тој начин, во душата на Галичник, под сенката на бистрата Бистра, секое лето љубовта добива посебен облик, посебни емоции. Зетот и невестата не се само идна брачна двојка туку и симбол на вековната македонска традиција, на непрекинатото предание што се пренесува со генерации, со чест и гордост.
Зетот и невестата чекорат низ Галичник не само како двајца вљубени туку и како чувари на нашите обичаи. Секое движење, секој поглед, секоја песна – сè е длабоко вкоренето во духот на Галичник.

Манукот ја носи гордоста на предците, додека мануката, со раскошната носија, ја раскажува приказната за момичките од овие планински височини: достоинствени, вредни, горди и полни со љубов и разбирање за семејството и за потомството. Заедно, тие не се само двојка туку и огледало на убавиот Галичник.
Во нивниот поглед се препознаваат љубовта и ветувањето дека ќе продолжи традицијата. И токму затоа, секој што ќе ги види, не гледа само свадба туку ги гледа и македонската историја, нашето минато, кое живее пренесувајќи се од колено на колено. Како што би кажале изворно луѓето од Галичник: „Да се ќердосает, од небо да им врне, од земја да им никне!“    (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ