Општина Гази Баба продолжува со инвестиции во модернизација на јавните услуги, откако Јавното комунално претпријатие „Гази Баба“ доби нов камион преса наменет за собирање кабаст отпад. Станува збор за современо возило кое значително ќе ја подобри ефикасноста на терен и ќе придонесе за повисоко ниво на јавна хигиена.
Новиот камион е опремен со напреден систем за подигање и празнење на канти и контејнери, што овозможува побрзо и побезбедно собирање на отпадот. Дополнително, возилото располага со систем за компактирање, со што значително се зголемува неговиот капацитет – до 8,7 тони отпад. Ова ќе овозможи намалување на бројот на транспортни тури, како и заштеда на време и ресурси.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, истакна дека инвестицијата е дел од поширока стратегија за унапредување на комуналните услуги.
– Со набавката на новиот камион продолжуваме со модернизација на механизацијата на ЈКП Гази Баба. Нашата цел е да обезбедиме поефикасно собирање на отпадот и почиста животна средина за сите граѓани. Ќе продолжиме со инвестиции кои директно го подобруваат квалитетот на живот во општината“, изјави Стефковски.
Камионот е дополнително опремен со систем за безбедно утоварување и истоварување на отпадот, што овозможува сигурност при работа и долгорочна техничка исправност.












