Неодамна, на една високообразовна институција од областа на здравството во земјава, еден професор побарал од своите студенти да направат список со нивни имиња и презимиња за да го добијат неговиот учебник по предметот што го предавал. На студентите им станало јасно дека тоа може да стане услов за да го полагаат испитот и да го положат или не. Следувала и реакција на такво едно барање.
–Сфативме дека тоа ќе биде услов за полагање на испитот. Одозгора, цената на учебникот беше многу висока – околу 4.000 денари. Тоа за многумина од нас е голем трошок во семејните буџети. Многумина од нас коментиравме околу ова и сметавме дека тоа е еден вид уцена. Нашите мислења некако дојдоа до професорот и тој потоа нè информира дека нема потреба да се прави списокот и со што немаше потреба да уплатуваме толку пари – ни рекоа неколкумина студенти кои што сакаа да останат анонимни.
Друг студент од еден од економските факултети кој, исто така, сакаше да остане анонимен, ни кажа дека на еден од испитите мора да се појават со збирката задачи по одреден предмет.
–Авторот на таа збирка, нормално, е професорот кај кого полагаме. А ние треба да го имаме учебникот пред нас кога ги решаваме задачите на тој испит. Се разбира, претходно треба да го купиме. Трошокот за таквите учебници не е мал. Многу поевтино ни доаѓа кога користиме фотокопирани учебници. Некои професори не го дозволуваат тоа – вели овој студент во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Ова се само најнови примери кои потврдуваат дека професорите на високообразовните институции кои напишале и објавиле учебници по предметот што го предаваат, имаат практика да ги условуваат своите студенти и да ги купат. Во спротивност, постои опасност студентите да не може да добијат потпис за посетување на наставата, па сè до тоа да не можат да полагаат испит или воопшто да не можат да го положат. И покрај тоа што ваквата практика не е дозволена, појавата опстојува и никако да се искорени.
– Едно е што знаете дека професорот ќе знае дали сте го купиле неговиот учебник или не. Втора принуда е и тоа што ни се кажува дека голем дел од прашањата на испитот ќе бидат токму од тој учебник – велат студентите.
Да се внесе законска забрана
Ова спорно условување на студентите од страна на одредени професори било нагласувано и во јавните расправи кои во изминатиов период биле водени околу новопредложениот закон за високо образование. На дебатата одржана на најголемиот македонски универзитет „Светите Кирил и Методиј“, еден учесник од редовите на студентите побарал во законот да се вгради одредба со која ќе се забрани таквата продажба на учениците.
– Во нашиот високообразовен систем, првото нешто што треба да го прават студентите е да купуваат книги, најчесто со пари на рака. Сметам дека овој член треба да се прошири. Дури и кога факултетот ги има авторските права, сепак, професорите наоѓаат начин како да ги продаваат книгите на рака. Затоа, треба да се стави експлицитна забрана за корупција и кривично да се гонат тие што продаваат. Има случаи и кога студенти платиле, а не добиле учебници – рече тогаш студентот.
На тоа следувал одговорот од министерката за образование, Весна Јаневска, која на ова кажа дека во законот не може да стои дека се забранува продавање.
– Ако има такви случаи, пријавете ги и ајде еднаш да го расчистиме тоа, тие професори да одговараат и таа практика да престане – кажа таа пред присутните.
Во новопредложениот закон, во кој сега треба да се вградат забелешките од јавната расправа, во членот 112 се предвидени начини на финансирање на високообразовните установи. Но, во делот на нивните приходи, не е предвидено паричните средства да може да остваруваат од продажбата на учебниците чии автори се нивните професори, а купувачите студенти. Оттаму, стравувањето е дека и натаму, по носењето на законот, практиката на купување учебници со пари в рака на професорот, ќе продолжи.
Јасни правила и санкции
И Бленди Ходаи, од невладината организација „Форум за образовни промени“, наведува дека во последните години забележува зголемување на појавата каде што одредени професори ги условуваат студентите да ги купат нивните учебници. Тоа, според него, претставува директен финансиски притисок врз студентите.
– Досега сме добиле повеќе поплаки од студенти од повеќе факултети, кои укажуваат дека ваквите практики се спроведуваат на прилично софистициран начин. На пример, постојат случаи кога студентите, при купување на учебникот, мора да се потпишат на листа, што практично служи како доказ дека книгата е купена, нешто што индиректно може да се користи како услов за полагање на предметот. Имаме и сведоштва од студенти дека чувствуваат притисок да ги купат овие книги, бидејќи стравуваат дека, во спротивност, би можеле да бидат во понеповолна позиција при полагање на испитите. Иако ваквите случаи тешко се докажуваат формално, самата перцепција и бројот на поплаки покажуваат дека проблемот е реален и присутен – нагласува Ходаи во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Тој додава дека решението за оваа појава мора да дојде преку јасна институционална волја и системски мерки.
– Не е прифатливо да се профитира од студентите, особено ако се има предвид дека многу од нив едвај ги покриваат основните трошоци за студирање. Еден можен пристап е факултетите или универзитетите да ги откупуваат авторските права за учебниците кои се задолжителна литература за одредени предмети, со што тие би биле достапни бесплатно во дигитална или во библиотечна форма за студентите. Истовремено, потребно е да се воведат јасни правила и санкции за секој обид за условување на студентите со купување учебници. Само со транспарентни правила и со заштита на студентите како јавен интерес може да се стави крај на оваа практика – нагласува Ходаи. (Б. Ѓ.)












