Човечкиот капитал е најважен елемент во реформата на јавната администрација и на вложувањето во знаење не треба да се гледа како трошок туку како капитална инвестиција, која ќе ја подобри услугата кон граѓаните и ќе придонесе во евроинтегративниот процес на земјава, беше кажано на денешниов настан на Тематската група за управување со човечки ресурси и професионален развој (HRMPD), насловен „Градење на капацитетите на институциите за обука на јавните службеници“. Организатори беа Министерството за јавна администрација, во соработка со Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA), Амбасадата на Франција и Центарот за управување со промени.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, нагласи дека трансформацијата започнува со квалитетни програми.
– Професионалноста и капацитетот на службеникот се клучни за отпорноста на цела државна администрација. Законот, исто така, воведува систематизиран пристап кон градењето на капацитетите, односно централизирано управување со обуката за администрација. Задолжителна обука за лица кои првпат се вработуваат како државни службеници и спроведување на испит. Се воведува и стандардизација, а тоа е поставување јасни критериуми за тоа кој спроведува обуки и методологија и како се спроведуваат обуките, како и мерење на ефектите. Очекувањата од овој закон се високи. Очекуваме крај на импровизациите и почеток на една нова ера, каде што стекнатите знаења, вештини и покажаните резултати на службениците ќе бидат директно поврзани со нивното напредување во кариерата. Нашата задача е да создадеме култура на доживотно учење. Мораме да го дестигматизираме терминот административец и да го трансформираме во професионалец во јавна служба – рече Минчев.
Тој нагласи дека ниту една реформа не може да успее без најважниот елемент, а тоа е човечкиот капитал.
– Во администрацијата, човечкиот капитал не е само ресурс. Тоа е институционална меморија и лицето на државата пред граѓаните. Вложувањето во знаење не треба да го гледаме како трошок, туку како капитална инвестиција, истакна Минчев.
Според него, нашите службеници денес се наоѓаат под огромен притисок.
– Од нив се бара брза адаптација на постојните законски измени, дигитална писменост во време на забрзана технологија, но и отпорност на политички влијанија преку професионален пристап. Нашите академии мора да ги подготват службениците не за она што е администрацијата денес, туку за она што ќе биде за неколку години. Задржување квалитетни кадри, во време кога приватниот сектор е силен конкурент, можноста за професионален развој е еден од клучните мотиви зa најдобрите експерти да останат во државната служба, порача Минчев.
Заменикот шеф на делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, истакна дека јавните службеници треба да бидат компетентни, посветени и во тек со новите случувања. Тие треба да учат во текот на целата кариера, а тоа учење треба да биде практично преку обуки, менторство и фокус на практични вештини. Директорката на РеСПА, Маја Ханџиска-Трендафилова, ја истакна експертизата од Франција и нивната стратешка соработка со РеСПА, нагласувајќи дека одамна станале модел и одличен пример за тоа како може билатералното искуство да се преточи во регионална јавна вредност со искористување, употребување на регионалниот пристап на РеСПА.
(рамка)
Н: Амбасадор Ле Риголер: Реформата на јавната администрација е во срцевината на пристапувањето кон ЕУ
Францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер рече дека Франција е посветена на поддршката на оваа реформа.
–Реформата на јавната администрација се наоѓа во срцевината на процесот на пристапување кон ЕУ, и во тој поглед, оваа реформа е главен столб во претпристапниот процес кон ЕУ, структурен елемент и значаен предуслов за рамката за преговарање бидејќи е еден од главните критериуми што треба да се отворат за Северна Македонија како земја кандидат за ЕУ – рече тој.












