недела, јуни 7, 2026
Дома СВЕТ Израелските напади предизвикаа „река од оган“ во Техеран: Предупредување до граѓаните за...

Израелските напади предизвикаа „река од оган“ во Техеран: Предупредување до граѓаните за токсичен дожд/ВИДЕО

739

По израелските напади врз иранските нафтени депоа, во делови од Техеран се појави таканаречена „река од оган“, бидејќи нафтата од погодените резервоари протече во канализацискиот систем на главниот град.

Според иранските медиуми, запалената нафта се проширила по некои улици, создавајќи долги огнени линии што гореле покрај патот. Видео објавено на социјалните мрежи покажа пламен што се протега по дел од патот во иранскиот главен град, додека густ чад се издига над градот.

Иранското министерство за нафта претходно потврди дека израелските напади погодиле депоа за гориво на три локации, вклучувајќи го и градот Карај во покраината Алборз, западно од Техеран.

Иранската Црвена полумесечина го предупреди населението да преземе дополнителни мерки на претпазливост, бидејќи дождот од експлозиите на резервоарите за гориво може да стане токсичен.

Според нив, таков дожд може да предизвика хемиски изгореници на кожата, како и сериозно оштетување на белите дробови.

На граѓаните им беа дадени и конкретни упатства:

За време на дождовите по експлозиите, не ја напуштајте куќата под никакви околности. Ако сте надвор, веднаш побарајте засолниште под бетонски или метален покрив и избегнувајте засолниште под дрвја. Доколку дождот дојде во контакт со вашата кожа, не тријте го засегнатото место, туку исплакнете го со континуиран млаз ладна вода. Веднаш сменете ја облеката што се намокрила од таков дожд и ставете ја во затворена кеса.

По нападите врз нафтените постројки, властите во Техеран одлучија привремено да ја ограничат дневната количина на гориво што може да ја купат граѓаните.

ИЗДВОЕНИ