Министерот за надворешни работи на Кина, Ванг Ји, повика на итен прекин на огнот и запирање на непријателствата поврзани со ситуацијата во Иран, оценувајќи дека конфликтот може дополнително да ја дестабилизира меѓународната сцена. Ван Ји членот на Политичкото биро на Централниот комитет на КПК и министер за надворешни работи, на прес конференцијата во Пекинг рече дека војната на Блискиот Исток „никогаш не требаше да се случи и нагласи дека употребата на сила не може да биде оправдување за конфликт. Тој потенцираше дека Пекинг стои целосно на вистинската страна на историјата. Ставот на Кина е објективен и непристрасен, рече Ји, и приоритет е да се спречи понатамошна ескалација на конфликтот. Тој предупреди дека војната на Блискиот Исток не носи решение и може само да предизвика нови кризи.
„Блискиот Исток е во пламен. Ова е војна што не требаше да се случи – војна што никому не му носи добро“, рече тој, додавајќи дека историјата на регионот повеќепати покажала дека употребата на сила не може да донесе трајно решение.
Промената на режимот, клучна наведена цел на американскиот претседател додека САД и Израел продолжуваат да го напаѓаат Иран, „нема да најде јавна поддршка“, рече Ванг во неделата. „Силна тупаница не значи силна причина. Светот не може да се врати на законот на џунглата“, додаде тој.
Ванг Ји нагласи дека за правилно решавање на прашањата поврзани со Иран и Блискиот Исток треба да се почитуваат неколку основни принципи.
Како прво, тој ја истакна потребата од почитување на националниот суверенитет, оценувајќи дека суверенитетот е темел на современиот меѓународен поредок и дека мора да се почитуваат безбедноста и територијалниот интегритет на Иран и на сите земји во регионот на Персискиот Залив.
Вториот принцип, според него, е отфрлањето на злоупотребата на сила. „Моќта не го прави правото“, рече Ванг Ји, предупредувајќи дека цивилите се невини и не треба да стануваат жртви на конфликтите. Тој исто така повика на немешање во внатрешните работи на земјите од регионот, нагласувајќи дека народите на Блискиот Исток треба сами да одлучуваат за својата иднина.
Кина ја нагласува потребата од политичко решение на кризата, на тој начин што сите страни треба што побрзо да се вратат на преговарачката маса и да ги решаваат разликите преку дијалог. Големите сили, според Пекинг, треба да придонесат конструктивно за мирот и стабилноста во регионот.
Ванг Ји додаде дека Кина е подготвена да соработува со земјите од Блискиот Исток за спроведување на Глобалната безбедносна иницијатива и за враќање на мирот и стабилноста во регионот.
На прес-конференцијата тој се осврна и на односите меѓу Кина и Европа, оценувајќи дека тие повторно добиваат на интензитет. Според него, билатералната трговија надминала еден трилион американски долари, а повеќе од два милиони европски туристи ја посетиле Кина благодарение на безвизниот режим. Ванг Ји изјави дека Кина ја гледа Европа како важен столб во мултиполарниот свет и клучен партнер во процесот на модернизација на земјата.
Тој истакна дека економските врски меѓу Кина и Европа се комплементарни и дека меѓусебната зависност не претставува ризик, туку можност за заеднички развој.
„Отвореноста и соработката нема да ја ослабнат економската безбедност, додека создавањето бариери води само кон самоизолација“, порача Ванг Ји.












