Општина Центар денеска додели стипендии на 37-мина талентирани ученици од општинските основни училишта, кои остваруваат забележителни резултати во областа на културата.
Од локалната самоуправа информираат дека десетмина ученици добиле стипендии од по 4.500 денари месечно, а 27-мина ученици по 4.000 денари месечно. Оттаму додаваат дека годинава е зголемена финансиската поддршка, со цел да се поттикнат младите во развивањето на талентот и творештвото.
– Оваа година ги зголемивме општинските стипендии за 50 проценти. Сакам да знаат младите дека ги препознаваме нивните квалитети, го цениме нивниот труд и вложуваме во нивниот развој – нагласи градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Стипендираните ученици имаат освоено награди и признанија на градски, државни и на меѓународни натпревари, што е потврда не само за нивниот талент туку и за посветеноста на наставниот кадар.
Во рамките на одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на Општината, беа доделени и награди за најдобрите ликовни и литературни творби од конкурсот „50 години Центар – срцето на градот, духот на генерациите“. Наградени се шестмина ученици, по тројца во двете категории. За првото место се доделени по 5.000 денари, за второто по 3.000 денари, а за третото – по 2.000 денари.
Општина Центар продолжува да вложува во младите, да ги поддржува нивните таленти и да ги вреднува нивните достигнувања во културата.












