четврток, ноември 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Градиме град во кој луѓето ќе сакаат да живеат, да работат и...

Градиме град во кој луѓето ќе сакаат да живеат, да работат и да останат

1

Господине Сарамандов, 7 Ноември е датум од посебно историско и емотивно значење за градот и за неговите жители. Што претставува овој празник за Вас лично и каква порака треба да испрати до денешните генерации?

Седми ноември за мене е ден кога им оддаваме почит на луѓето што се бореле за слободата на Гевгелија, но и можност да зборуваме за тоа каде е Гевгелија денес и во која насока се развива. Наша обврска е да ја почитуваме историјата, но и со нашата секојдневна работа да придонесуваме за развојот на Гевгелија. Тоа е и пораката до младите генерации, да го почитуваат минатото и да продолжат да градат подобра иднина за својот град.

Со какви содржини Општината ја чествува 82. годишнина од ослободувањето на градот?

Гевгелија е град кој ја доживува културата како важен дел од својот идентитет и постојано вложува во нејзиниот развој. Денот на ослободувањето го одбележуваме достоинствено и со содржини што ги обединуваат граѓаните и што им даваат значење и на историјата и на современиот живот на градот, истовремено создавајќи простор за презентација на културните и уметничките достигнувања на локалните институции, здруженија и уметници. Граѓаните ќе проследат театарски претстави, концерти на класична и популарна музика, детски активности, изложба на ДЛУГ, фолклорна вечер, свечена седница на Советот на Општина Гевгелија, како и полагање цвеќе на спомен-обележјата во Гевгелија, во чест на борците и настаните поврзани со ослободувањето на градот.

Ако направите пресек на состојбите во Гевгелија, кои се најголемите промени што се случија во изминатиот петгодишен период, во кои области е постигнат најголем напредок и кои се приоритетите на општината во наредниот период?

Во изминатите пет години, Гевгелија направи значителен напредок во повеќе сегменти на секојдневното општествено живеење. Уште од самиот почеток, нашата цел беше да работиме на рамномерен развој на општината, со инвестиции кои ќе придонесат за подобрување на секојдневниот живот на нашите сограѓани. Особено внимание посветивме на реализацијата на крупни капитални проекти кои решија децениски проблеми на граѓаните, имавме вложувања за подобрување на патната и на комуналната инфраструктура, уредување на јавните површини, модернизација на образовните установи, создавање подобри услови за спорт, култура и рекреација, како и подобрување на условите за живот во населените места. Паралелно со тоа, работевме и на создавање поволна клима за нови инвестиции и економски развој на општината. Она што особено ме радува е што денес Гевгелија е општина во која се инвестира, се градат нови капацитети и се отвораат можности за понатамошен развој. Тоа е резултат на континуирана работа, добра соработка со институциите и јасно поставени приоритети. Секако, пред нас има уште многу работа и ќе продолжиме со посветено работење и понатаму, имаме убави планови за Гевгелија.

Нашата цел е Гевгелија да продолжи да се развива како модерна, уредена и економски стабилна општина, во која ќе има добри услови за живот за сите генерации.

Еден од најголемите предизвици на помалите градови е иселувањето на младите и намалувањето на населението. Како Гевгелија може да им понуди перспектива на младите луѓе?

Младите треба да имаат причини да ја гледаат својата иднина во Гевгелија. Тоа подразбира можности за образование, вработување, спорт, култура и активно учество во одлуките што ги засегаат. Како локална самоуправа работиме на подобрување на тие услови и на отворање простор младите да бидат слушнати и вклучени. Особено ми е драго што наредната недела, Гевгелија ќе ја прими националната награда „Младински пријателски град“ за Југоисточниот Регион за 2026 година. Ова признание за нас е потврда на досегашната работа, но и обврска да продолжиме со конкретна поддршка за младите.

Старата гевгелиска чаршија се ревитализираше, во тек е реконструкција на улицата „од станица до граница“, како ќе изгледа централното градско подрачје во иднина?

Нашата замисла е централното градско подрачје да добие поврзан, уреден и препознатлив урбан лик. Со ревитализација на Старата чаршија зачувавме важен дел од историјата на градот, а со реконструкцијата на улицата „Маршал Тито“ обновуваме еден од неговите главни градски потези. Во моментов се изработува и проектот за реконструкција на Градскиот плоштад, за кој веќе започнавме консултации со стручни лица. Со реализацијата на овој проект ќе ги поврземе овие простори во една функционална целина, со повеќе можности за пешаци, дружење и јавни настани. Сакаме центар што ќе биде современ, но ќе го задржи духот на Гевгелија.

Гевгелија е препознатлива по својата географска положба, близината на границата, казината и по угостителско-туристичките капацитети. Успева ли општината да има вистинска економска корист од транзитниот туризам за локалното население?

Нашата географска положба е голема предност, но за нас е важно луѓето кои поминуваат низ Гевгелија да имаат причина да останат подолго, да ги користат локалните услуги и повторно да се вратат. Изминатите години многу работевме во тој поглед, а заедно со нас во овој дел постојано работат и хотелите, угостителските објекти, трговијата и другите дејности, кои исто така имаат огромна улога. Со новите инвестиции и подобрувањето на градската инфраструктура дополнително ја зајакнуваме таа понуда. Нашата цел е Гевгелија да не биде само транзитна точка туку препознатлива дестинација за престој, купување, гастрономија и настани, од што директна корист ќе имаат локалните компании и граѓаните.

Ако треба да издвоите еден проблем што најмногу Ве загрижува кога станува збор за иднината на Гевгелија, кој би бил тој?

Еден од проблемите на кои особено сакам да му посветиме внимание е правилното одлагање на кабастиот и градежниот отпад. Тоа е проблем со кој се соочуваат многу општини и кој не може да се решава со привремени мерки. По решавањето на долгогодишниот проблем со дивата депонија за комунален отпад, нашата следна цел е да воспоставиме организирано и трајно решение и за овие видови отпад. Амбицијата ни е Гевгелија да биде меѓу првите општини со целосно уреден пристап кон ова прашање. Чистата животна средина е основен услов за квалитетен живот.

На крајот, која е вашата порака за граѓаните на овој 7 Ноември, каква Гевгелија посакувате да видите во наредниот период?

На сите гевгеличани им го честитам 7 Ноември – Денот на ослободувањето на нашиот град. Им посакувам здравје, мир и многу убави моменти со најблиските. Во наредните години, Гевгелија ја гледам како уреден, економски силен и жив град, со добри услови за семејствата, младите и за сите наши сограѓани.

Во наредниот период ќе продолжиме со работа на конкретни проекти, со одговорен однос кон јавните средства и со отвореност за добри идеи. Верувам дека заеднички можеме да изградиме Гевгелија во која ќе бидеме горди што живееме.

(Љ.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ