Тензиите пред натпреварите меѓу Република Ирска и Израел во Лигата на нациите продолжуваат да растат, а во центарот на вниманието се најдоа селекторите и фудбалските сојузи.
Ирскиот селектор Хејмир Халгримсон предизвика реакции со изјавата: „Ние играме против геноцид, а не заедно со него“. Тој притоа го доведе во прашање различниот третман на Русија и на Израел од страна на УЕФА.
Одговорот од Израелскиот фудбалски сојуз беше остар. Оттаму го обвинија за „глупост, незнаење и лицемерство“.
- Придонесовме за светот и за човештвото во безброј области, освојувајќи притоа импресивен број Нобелови награди. За жал, сè уште немаме пронајдено противотров за глупоста, незнаењето и за лицемерството што ги покажа селекторот на ирската репрезентација. Ние не играме против незнаење, лицемерство и глупост – играме против селектор што ги олицетворува нив – гласеше одговорот на Израелците.
Така, натпреварите меѓу двете селекции добиваат дополнителна тежина и пред самиот почеток, во атмосфера исполнета со политички и со спортски тензии.











