Претстојните дуели меѓу Република Ирска и Израел во Лигата на нациите одамна ги надминаа спортските рамки. Тензиите дополнително се зголемија по изјавите на ирскиот селектор Хејмир Халгримсон, кој отворено зборуваше за ситуацијата во Газа.

  • Не играме со геноцид, туку против геноцид. Играме против Израел, а не со Израел – изјави Халгримсон, со што предизвика жестоки реакции од Израелската фудбалска асоцијација.

Таа ги оцени неговите зборови како „глупост, незнаење и лицемерство“.

Ирска и Израел ќе одиграат два натпревари на неутрален терен. Првиот е закажан за 27 септември во Дебрецен, Унгарија, додека реваншот ќе се игра на 4 октомври во Бачка Топола, Србија. Вториот натпревар ќе биде без публика, додека ирските навивачи нема да добијат билети за ниту еден од двата дуели.

Фудбалскиот сојуз на Ирска претходно побара Израел да биде суспендиран од меѓународните натпреварувања, но УЕФА не го прифати барањето. Ирскиот сојуз, исто така, побара двете селекции во иднина да не бидат извлекувани во иста група, но УЕФА соопшти дека се разгледува раздвојувањето на репрезентациите според конкретни безбедносни критериуми.

Контроверзиите се одразија и на медиумското следење. Ирскиот сојуз го ограничи пристапот на медиумите до репрезентативците, додека националниот радиодифузер RTÉ најави минимална телевизиска продукција: без студиска програма, без сопствени коментатори и без реклами или спонзорства.

Така, двата натпревари од групата Б3 ќе се играат во атмосфера на силни политички и безбедносни тензии, додека ирската репрезентација се обидува да се концентрира на фудбалот во пресрет на исклучително чувствителните дуели.

ИЗДВОЕНИ