Изложбата „Тела во трансформација и експериментални мапирања – булевари“ на македонскиот уметник Доротеј Нешовски ќе се одржи на 11 ноември, во 18:00 часот, во Францускиот институт во Скопје.
Доротеј Нешовски неодамна престојуваше на уметничка резиденција во Cité internationale des arts во Париз. Во својата уметничка практика ги истражува врските меѓу уметноста, јавниот простор и публиката, со особен интерес за мапирањето и за партиципативните практики.
Отворањето на изложбата ќе биде проследено со уметничка средба во интерактивен формат, во која публиката ќе има активна улога во истражувањето на уметничките дела и на просторот на Институтот. Заедно со уметникот, посетителите ќе ги откриваат делата, ќе одговараат на прашањата и ќе имаат можност да создадат сопствени мапи, поврзувајќи ги уметноста, просторот и секојдневното искуство.
Кураторка на изложбата е Изабела Левенска-Миљаниќ, основачка на иницијативата „Мјузијам оф паблик арт“, посветена на мапирањето на јавниот простор и на скулптурното наследство во градот. Таа ќе го води и разговорот со уметникот во рамките на средбата.
Изложбата „Тела во трансформација и експериментални мапирања – булевари“ ја истражува деликатната граница помеѓу физичкото и нематеријалното, присуството и исчезнувањето, субјектот и просторот. Преку цртежи, колажи, просторни интервенции и експериментални процеси на мапирање, телото е претставено како динамичен терен на перцептивни и трансформативни процеси.












