сабота, јуни 6, 2026
Дома СВЕТ Избори во Ерменија – Граѓаните избираат помеѓу ЕУ и Русија

Избори во Ерменија – Граѓаните избираат помеѓу ЕУ и Русија

31
Фото: EPA/HAYK BAGHDASARYAN /PHOTOLURE

Ерменија гласа за својата идна геополитичка насока на 7 јуни. Долгогодишен сојузник на Русија, сега постепено се оддалечува од Москва и се приближува кон Европската Унија. Затоа, изборите ќе бидат вистински тест за јавното мислење.

На претстојните парламентарни избори, граѓаните на оваа земја од Јужен Кавказ не само што избираат нов парламент, туку и стратешка насока на земјата: побрз влез во Европската Унија или враќање во руската сфера на влијание, пишува „Дојче Веле“.

Според анкета нарачана од невладината организација „Меѓународен републикански институт“ (IRI) со седиште во Вашингтон, партијата „Граѓански договор“ на сегашниот проевропски премиер на Ерменија, Никол Пашинјан, е на прво место со поддршка од 32 проценти.

Опозицијата е традиционално проруска и поделена на три главни политички сили кои значително заостануваат зад владејачката партија.

Околу седум проценти од гласачите го поддржуваат блокот „Силна Ерменија“, предводен од рускиот милијардер од ерменско потекло, Самвел Карапетијан. Тој моментално е во домашен притвор во Ереван под обвинение за поттикнување насилно преземање на власта.

Политичкиот сојуз „Ерменија“, предводен од поранешниот претседател Роберт Кочарјан, близок до рускиот претседател Владимир Путин, очекува околу четири проценти од гласовите.

Партијата „Просперитетна Ерменија“, основана од бизнисменот Гагик Царукјан, може да смета на околу два проценти поддршка.

Останатите пет партии, вклучувајќи ги и новите протестни движења, имаат поддршка од само еден до два проценти.

Експертите предупредуваат дека овие бројки треба да се толкуваат со претпазливост поради невидено ниската стапка на одговор: само 16 проценти од испитаниците се согласиле да учествуваат во анкетата. Ова е за 19 процентни поени помалку отколку во пресрет на предвремените избори во 2021 година. Во исто време, 92 проценти од учесниците рекле дека имаат намера да гласаат, во споредба со 72 проценти во 2021 година.

Речиси секој втор испитаник одби да го открие својот фаворит или изјави дека сè уште не донел конечна одлука за тоа за кого ќе гласа.

ИЗДВОЕНИ