Перката од вентилаторот на моторот пукнала на летот на „Рајанер“ од Грција минатиот месец, кршејќи го прозорецот на авионот кратко по полетувањето, што предизвика српски патник да биде извлечен низ авионскиот прозорец и со половина тело да виси надвор од авионот пред другите патници да го извлечат на безбедно, соопштија американските истражители во четврток.
Перката која излетала од моторот, го скрши прозорецот и го оштети трупот на авионот на неколку други места, соопшти Националниот одбор за безбедност во сообраќајот на САД (NTSB) во извештај.
NTSB соопшти дека во моторот се пронајдени остатоци од птици, што сугерира дека авионот можеби удрил во птици за време на полетувањето.
Инцидентот се случи на 10 јули, кратко откако авионот на „Рајанер“ полетал од Солун. Откако прозорецот се скршил и се создал притисок во кабината, маските за кислород паднале од таванот.
61-годишниот маж, Љубиша Каровиќ, кој речиси бил „исцицан“ од авионот низ прозорецот, претрпел повреди на вратот и рамото, како и изгореници од триење, пред другите патници да го вратат во кабината на Боингот 737-800.
Патниците им кажаа на грчките медиуми дека слушнале силен тресок, маските за кислород паднале и авионот почнал да губи висина. Во авионот се создала паника, а некои патници врескале откако еден човек бил делумно извлечен низ прозорецот, објави Си-Би-Си.
„Повеќето од нас спиеле, очите ни биле затворени. Слушнавме звук што би го опишал како пукање гума… но многу гласен“, изјави патничка за Радио Солун.
„Веднаш знаевме дека сме изгубиле притисок бидејќи почнавме да губиме висина“, додаде таа.
„Рајанер“ во тоа време изјави дека авионот „се вратил во Солун кратко по полетувањето откако прозорецот од патничката кабина се откачил за време на летот“.
Но, НТСБ во тоа време изјави дека авионот имал проблем со десниот мотор за време на летот. Според меѓународните правила за воздухопловство, Грчкиот орган за истраги за безбедност на воздушниот и железничкиот сообраќај може да ја предаде истрагата на НТСБ, што и го стори во овој случај, и учествува во истрагата.
НТСБ го опомена извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, откако тој им кажа на инвеститорите минатиот месец дека истрагата е фокусирана на оштетување од туѓ предмет, а не на староста на авионот или неговата историја на одржување.
Одборот за безбедност изјави дека истражителите не исклучиле ништо и дека О’Лири не е овластен да зборува за истрагата.
Авионот со тесен труп, кој може да носи до 189 патници, бил испорачан на „Рајанер“ во 2008 година, според веб-страницата за следење на летови Flightradar24.












