Андреас Трајковски испиша атлетска историја со пласманот во финалето во скок во далечина на Европското првенство (ЕП) во сала, но не успеа да направи нов подвиг.
Трајковски скокаше во сите шест серии. Во првата прескокна 7,59 метри, во втората немаше резултат, додека во третата дојде до најдобар скок од 7,65 метри. Четвртата серија му беше 7,63, во петтата не успеа, исто беше и во шестата. Тоа беше доволно да заврши на осмото место од осум учесници во групата.
“Секако дека сакав повеќе, но самиот пласман во финалето за мене и Македонија е голем успех. Се останато беше бонус. Дадов се што можев, за себе и за Македонија. Јас сум осмиот најдобар скокач во далечина во Европа. Тоа за мене е големо достигнување“, е изјавата на Андреас по финалето.
Сепак, овој атлетски подвиг на Андреас Трајковски е најдобар во историјата на Македонија, затоа што тој е првиот атлетичар во финале на Европско првенство.
Бугаринот Божидар Сарабојуков беше најдобар со скок од 8,13 метри, сребрен медал освои Матиа Фурлани од Италија (8,12 метри), додека третото место му припадна на Лестер Лескај кој исто така скокна 8,12 метри.