Екипата на Торонто одигра меч за историја откако на свој терен со неверојатни 139:87 го победи Орландо. Победата од 52 разлика е најголема за Торонто во клупската историја, а покрај овој рекорд, постави и еден НБА-рекорд – неверојатната низа која ја има од 31:0.
Откако од сезоната 1997/98 се води детална статистика, никогаш претходно немало некој тим да постигне 31 поен по ред без да прими ниту еден кош.
Во првата четвртина Орландо водеше со 20:14, а потоа се случи моментот за историја, односно серијата од 31:0 за Торонто, па домаќините поведоа со 45:20. На полувреме Торонто водеше со 70:43, а домаќините во ист ритам продолжија и во вториот дел.
Разликата постојано се зголемуваше, а во еден момент од последната четвртина Торонто водеше дури со 56 поени предност (126:70). На крајот и победата од 52 разлика е историска за Торонто, но и за Орландо, кој го претрпе најтешкиот пораз во клупската историја.
Резултати: Бруклин – Сакраменто 116:99, Шарлот – Бостон 99:114, Портланд – Вашингтон 123:88, Њу Орлеанс – Хјустон 102:134, Оклахома – Њујорк 111:100, Денвер – Голден стејт 116:93.











