Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека се префрлени преку 280 милиони денари на повеќе од 4.700 лица кои се корисници на субвенции, како дел од програмите за финансиска помош.
Од вкупниот износ, 269.947.935 денари се префрлени на 4.545 корисници до крајот на јуни. Овие средства се за Мерката 2,3 – директни плаќања за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко, согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2025 година.
За Мерката 2,6 – дополнителни директни плаќања од подмерка 2,5 за одгледани или заклани грла говеда во регистриран кланичен капацитет, се исплатени вкупно 3.746 560 денари на 167 корисници, според Програмата за 2024 година. Во рамки на Мерката 2,16, исто така од Програмата за 2024 година, биле префрлени 7.968.320 денари за произведени или продадени еднодневни бројлерски пилиња и еднодневни женски пилиња од јајценосни хибриди.
„Поддршката на земјоделците продолжува, заедно работиме на стабилен развој на македонското земјоделство“, истакнува МЗШВ.












