Во каналот Велебит се продолжува потрагата по двајца португалски државјани, откако група од четири млади лица исчезнаа во бура рано наутро во среда, јавуваат хрватските медиуми. Две од нив се пронајдени и добиваат медицинска помош. Тие беа пријавени како исчезнати во 4:40 часот наутро, откако беа зафатени од бура во близина на Сењ во гумен чамец долг околу еден и пол метар. Празниот чамец подоцна беше пронајден покрај брегот на островот Крк.
Девојката беше пронајдена седум часа откако беше пријавена како исчезната, во заливот Бутињ на островот Крк. Два часа подоцна, на карпите помеѓу заливот Огрул и ‘ртот Главина, беше пронајден и еден млад маж. И двајцата добија медицинска помош. Потрагата по преостанатите двајца Португалци продолжува, а во неа учествуваат воен авион и полициски хеликоптер.
Лекарката Марина Павлетиќ од болничкиот центар во Риека разговараше со „РТЛ“ за состојбата на пронајдената Португалка. Таа потврди дека млада жена е примена во болницата попладне. „Немаме информации за другите луѓе, имаме само едно“, рече таа.
„Пристигна во стабилна клиничка состојба и со нормални витални параметри. По целосно лекување, таа беше примена за понатамошно болничко набљудување на Одделот за пулмологија“, рече Павлетиќ, додавајќи дека пациентката моментално е стабилна.
Лекарката објасни дека станува збор за случај на давење кое не завршило со смрт. Таа особено ги истакна околностите на нејзиното преживување. „Пациентката поминала помеѓу осум и десет часа во морето и пристигнала со стабилни параметри. Тоа е навистина исклучително“, заклучи Павлетиќ.












