Добро познатиот уметник и обоист Васил Атанасов одбележа 50 години уметничка дејност. Со концерт насловен како “Васил и пријателите“. Половина век музика не е само бројка – тоа е животна приказна напишана со искрени емоции. Неговата уметност на обоата стана синоним за исклучителна уметничка надареност. Васил поседува брилјантен музички потенцијал…. Токму таква приказна оваа година заокружува маестро Васил Атанасов, со два свечени концерти, веќе одржани во Струмица и Скопје.
Ние бевме во Скопје. Фасцинантен настап на славеникот! Во публиката се разлеа искрен и долг аплауз. Веруваме исто така и во Струмица. Со Васил во Скопје на сцената во “Музејот на македонска борба“ настапија поголем број негови одбрани колеги-уметници, меѓи кои и: Камерен оркестар-Скопски солисти, Драган Даутовски, женскиот хор Св.Злата Мегленска, Александар Дојковиќ, Марија Јакимовска, Влатко Митев, Томе Атанасов, Катерина и Глигор Гелебешеви, Марија Дојковиќ, Весна Гиновска-Илкова, Борис Трајанов, а со поетскиот збор се обрати Ефтим Клетников. Низ содржината на концертот присутните маестрално ги водеше познатата Ирена Спировска. 
Васил од првите чекори во музичкото училиште во Штип, до сцените на Македонска филхармонија, светските сцени низ Европа, САД, Австралија и поранешната Југославија го помина патот со возвишен уметнички израз. Жив пример за непресушна љубов кон музиката. Уште во 1980 година, по успешна аудиција, станува дел од оркестарот како прв обоист – солист, позиција што ја носи со достоинство цели четири децении. Зад себе оствари и значаен дискографски белег – од LP изданија до компакт-дискови, како и над 2000 минути со снимките во Македонската радио-телевизија.
Но, неговата љубопитност не застанува само во класиката – таа се протега и во фестивалската, детската и фолклорната музика, имајќи така широка жанровска палета. Покрај сцената, Атанасов остава неизбришлива трага и како педагог. Повеќе од три децении посветено работи со млади таленти, од кои многумина денес се значајни имиња на музичката сцена.
(Д.М.)












